• четврток, 30 јануари 2025

Германските пратеници ќе гласаат за контроверзните планови за сузбивање на миграцијата

Германските пратеници ќе гласаат за контроверзните планови за сузбивање на миграцијата

Берлин, 29 јануари 2025 (МИА) - Германските пратеници денеска треба да гласаат за двата предлога поднесени од опозицискиот блок од десниот центар за значително заострување на миграциската политика во земјата, помалку од четири недели пред Германците да излезат на гласање на националните избори, јави ДПА.

Миграцијата стана доминантно прашање во кампањата пред вонредните избори на 23 февруари по низата фатални напади во кои беа вклучени осомничени со мигрантско потекло.

Лидерот на конзервативната Христијанско-демократска унија (ЦДУ), Фридрих Мерц, вети дека ќе изврши низа промени во миграциската политика, откако две лица беа убиени во јужниот град Ашафенбург од страна на осомничен од Авганистан чие барање да остане во Германија беше одбиено.

Предлозите на Мерц вклучуваат отфрлање на сите баратели на азил на границите на Германија и повлекување на германското државјанство од лица со двојно државјанство осудени за сериозно кривично дело.

Иако плановите на Мерц се контроверзни, тој особено предизвика бес кога не ја отфрли можноста за користење на гласовите од екстремно десничарската партија Алтернатива за Германија (АфД) за да се усвојат предлозите доколку е потребно, забележува германската агенција.

Пред предлозите да бидат ставени на гласање во Долниот дом на парламентот, германскиот канцелар Олаф Шолц, социјалдемократ, треба да даде владина изјава, во која се очекува да се обрати за смртоносниот напад во Ашафенбург.

Социјалдемократската партија (СПД) на Шолц и Зелените, кои моментално владеат во малцинска влада, обајцата го обвинија Мерц дека ја внесува АфД во мејнстримот и тврдат дека голем број од неговите предлози би го прекршиле германскиот устав и правото на ЕУ. И покрај жестоките осуди од другите политичари, Мерц, најверојатно фаворит да го замени Шолц по претстојните избори, остана на своите предлози, велејќи: „Она што е правилно во ова прашање не станува погрешно бидејќи погрешните луѓе се согласуваат“, наведува ДПА. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан