Германскиот вицеканцелар пристигна во Киев придружуван од деловна делегација
- Германскиот вицеканцелар Роберт Хабек пристигна денеска во Киев во посета фокусирана на руските напади врз енергетската инфраструктура на Украина, итната помош и зајакнувањето на економијата на земјата, јави ДПА.

Киев, 18 април 2024 (МИА) - Германскиот вицеканцелар Роберт Хабек пристигна денеска во Киев во посета фокусирана на руските напади врз енергетската инфраструктура на Украина, итната помош и зајакнувањето на економијата на земјата, јави ДПА.
Хабек, кој ја извршува и функцијата министер за економија, е придружуван од деловна делегација. Патувањето доаѓа додека Германија се подготвува да ја одржи следната Конференција за закрепнување на Украина во Берлин на 11 и 12 јуни. Германскиот канцелар Олаф Шолц и украинскиот претседател Володимир Зеленски се заеднички домаќини на меѓународната средба.
По пристигнувањето Хабек рече дека посетата се одржува во време кога на Украина и е потребна сета поддршка што може да ја добие во нејзината „борба за слобода“.
- Да, Украина се бори за сопствено самоопределување, за својот територијален интегритет против агресијата на (рускиот претседател Владимир) Путин, но се бори и за вредностите што ја обединуваат и ја карактеризираат Европа, рече тој.
Во Киев, Хабек меѓу другите ќе се сретне со Зеленски, вицепремиерката и министерка за економија Јулија Свириденко и министерот за енергетика Герман Галушченко. ссм/
фото: ДПА