Георгиевски: Никогаш не сме биле толку блиску до ЕУ, треба да направиме само еден безболен чекор
- Никогаш не сме биле толку блиску до Европската унија, треба да направиме само еден чекор, којшто според мене е безболен чекор иако го претставуваат како голем удар врз македонскиот народ сето тоа, а тоа е внесувањето на шесте народи во преамбулата, изјави денеска поранешниот премиер Љубчо Георгиевски на трибината „Размислувања за иднината на Северна Македонија“, во организација на СДА Македонија.
Скопје, 28 ноември 2024 (МИА) - Никогаш не сме биле толку блиску до Европската унија, треба да направиме само еден чекор, којшто според мене е безболен чекор иако го претставуваат како голем удар врз македонскиот народ, а тоа е внесувањето на шесте народи во преамбулата, изјави денеска поранешниот премиер Љубчо Георгиевски на трибината „Размислувања за иднината на Северна Македонија“, во организација на Странка на Демократска акција (СДА) на Македонија .
Во своето излагање, Георгиевски истакна дека потребно е да се промени начинот на менаџирање на историската комисија која преговара со бугарската страна и посочи дека потребен е дипломатски пристап.
– Се прави драма од нешто што навистина ниту ја негира Македонија како држава, ниту го негира македонскиот идентитет, ниту пак нешто драматично ќе се случи со влегувањето на шесте народи во Уставот … Јас се согласувам дека начинот на којшто се менаџира таа историска комисија не е баш успешен и треба да го промени својот дневен ред и начинот на водењето. Меѓутоа, тоа и да стане така, тоа не се прави со јавни навреди, јавни фалења „толку е, готово, црвени линии, кои сме ние“, туку се прави на дипломатски начин и се кажува „ние сметаме дека ова и ова треба да се промени“, рече Георгиевски.
Новата Влада ја менува стратешката ориентација на Македонија, оцени поранешниот премиер, а тоа според него, се гледа со земањето на унгарскиот кредит и големото пријателство со Унгарија и Србија.
– Македонија со новата Влада очигледно ја менува својата стратешка ориентација и според мене тоа не се гледа само според кредитот што е земен и големото пријателство кое се демонстрира, не само со Унгарија, туку и со Србија. Гледаме дека веќе и проектот Отворен Балкан, со отсутството на Еди Рама останува практично само српскиот свет што го знаеме, како контури, рече Георгиевски.
Поранешниот премиер праша што ќе изгуби Македонија доколку за месец дена го реши тој проблем и оди понатаму со разговорите со Европската унија.
– Кога гледаме речник со висока патетика за одбрана на Македонија, за одбрана на македонскиот идентитет, не можеме да не го поставиме прашањето што е тоа што Македонија ќе го изгуби ако конечно го решиме тој проблем за месец дена и одиме понатаму со разговорите со Европската унија. Самиот чин на правење проблем, којшто реално не е проблем според философијата на македонската држава, од Илинденското востание, АСНОМ, па првиот Устав за независност на Македонија, па до ден денеска, каде што сме широко отворени за малцинствата и националностите, за мене навистина е несфатливо. Според мене, оваа Влада демонстрира еден наратив како ретко која досега Влада во Република Македонија, тотална безидејност на она што се нарекува пат кон европската интеграција, нагласи Георгиевски. ра/лв/
Фото: МИА