• петок, 05 декември 2025

ГАК ќе расправа за подготовките на Самиот на ЕУ, следната буџетска рамка и поедноставувањето 

ГАК ќе расправа за подготовките на Самиот на ЕУ, следната буџетска рамка и поедноставувањето 

Брисел, 21 октомври 2025 (МИА) - Подготовката на претстојниот Самит на Европската Унија, Предлог-повеќегодишната финансиска рамка на блокот за периодот 2028-2034 година и пакет-мерките за административно поедноставување, ќе бидат главните теми на денешното заседание на Советот за општи работи на ЕУ во Луксембург, со кое ќе претседава данската министерка за европски работи Мари Бјере.  

Покрај ова, австриската министерка за министерка за Европа, интеграција и семејство Клаудија Плаколм ќе ги информира своите колеги за нејзината неодамнешна посета на земјите од Западниот Балкан, во чии рамки престојуваше и во Скопје. 

Министрите или државни секретар за европски прашања ќе дебатираат за усогласување на Предлог-заклучоците на средбата на шефовите на држави или влади на членките на ЕУ, предвидена за в четврток и петок. 

Според најавите, на Самитот ќе се расправа за состојбите во Украина, за најновиот развој на настаните на Блискиот Исток со фокус на Газа, за плановите за европска одбрана и безбедност, за мерките за зајакнување на конкурентноста и за енергетската и зелената транзиција, како и за проблемите со домувањето и миграција. 

Покрај ова министрите ќе имаат и политичка дебата за Предлог-повеќегодишната финансиска рамка на ЕУ за периодот од 2028 до 2034 година, вредна речиси 2.000 милијарди евра, со осврт на трошоците за остварување на политичките приоритети, зголемување на предвидливоста на финансиите на блокот, обезбедувањето буџетска дисциплина и олеснување на постапката за усвојувањето на годишниот буџет на Унијата. 

Советот за општи работи одржува редовните дискусии со цел да се обезбеди што е можно поголем напредок во усогласувањето на предлог-финансиската рамка и насочување на понатамошните преговори. 

Министрите ќе направат осврт на напредокот во плановите за административно поедноставување на ЕУ, изработени врз основа на извештаите на Енрико Лета за заедничкиот европски пазар и на Марио Драги за европската конкурентност. 

Станува збор за пакетот „омнибуси“ за поедноставување на постојното законодавство на ЕУ во различни области, со цел поттикнување на одржливоста на корпорациите, поддршка за земјоделството и малите компании и зајакнување на дигитализацијата, одбраната и хемиската индустрија. 

Во рамки на Советот ќе се одржи и деветтото сослушување за Унгарија, како дел од постапката против земјата покрената според член 7 од Договорот на ЕУ во септември 2018 година на предлог на Европскиот парламент. 

Во иницијата на ЕП се бара покренување на постапка против Унгарија во врска со функционирањето на уставниот и изборниот систем, независноста на судството, борбата против корупцијата, заштитата на приватноста и личните податоците, слободата на изразување, вероисповедта , здружувањето и академската заедница, правата на еднаквост , на припадниците на малцинства, на мигрантите, барателите на азил и бегалците, како и економските и социјалните права.  

За време на работниот ручек, министрите ќе се расправаат за предлогот на Еврокомисијата за создавање на Европски штит за демократија. сп/јт/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан