• сабота, 23 ноември 2024

Втора рунда преговори меѓу САД и Русија за контрола на стратешкото вооружување  

Втора рунда преговори меѓу САД и Русија за контрола на стратешкото вооружување  

Вашингтон, 30 септември 2021 (МИА) - САД и Русија денеска одржуваат втора рунда стратешки преговори во текот на кои ќе се обидат да надминат повеќе несогласувања, вклучително и околу нуклеарното оружје и кибер пространството, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

Како што изјавија од Стејт департментот, американската делегација на преговорите во Женева ја предводи Венди Шерман, втор по ранг дипломат во администрацијата и заменичка државен секретар. 

Првата меѓуинституционална средба се одржа во јули, но не беше постигнат некаков напредок. Таа се одржа веднаш откако Џо Бајден и Владимир Путин на самитот во јуни се договорија за рестартирање на преговорите. 

Стејт департментот објави дека страните имаат за цел „да спроведат внимателно подготвен и активен дијалог насочен кон тоа да се постават основи за идните мерки по контрола на вооружувањето и намалување на ризиците“.  

Други детали не се соопштуваат, а се наведува дека Шерман од Женева оди во Берн, а потоа во Узбекистан и турнејата ќе ја зарши со посети на Индија и Пакистан. 

На првите преговори, руската страна изразила загриженост по повод американскиот систем на ПВО, а Американците одговориле со веќе познатиот аргумент на Вашингтон дека тие системи не се насочени кон Русија, а се поставени за запирање можни напади од Иран и Северна Кореја. кб/паг/ 

Остани поврзан