• среда, 25 декември 2024

Врховен утврди начелен став дека државата е должна да обезбеди здрава животна средина, непреземањето дејствија е повреда на правата на граѓаните

Врховен утврди начелен став дека државата е должна да обезбеди здрава животна средина, непреземањето дејствија е повреда на правата на граѓаните

Скопје, 8 октомври 2024 (МИА) – Врховниот суд денеска на општа седница утврди начелен став дека „државата е должна да обезбеди здрава животна средина, меѓу кои и правото на чист воздух, како поединечно право на граѓаните“, по поднесена Иницијатива од страна на Адвокатското друштво „Гоџо, Кичеец и Новаковски“, за утврдување начелен став и правно мислење, за тоа колку државата обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина, согласно законски утврдените должности и надлежности во областа на животната средина.

Ова доаѓа откако двајца македонски граѓани поднесoa тужби до Управниот суд за заштита на слободите и правата, каде наведуваат дека дишат енормно загаден воздух и бараат од државата да донесе стратешки акционен план за заштита.

Со оглед на тоа дека денешната расправа е од висок јавен интерес, по предлог на претседателката на Врховен, Беса Адеми, како експерт во областа беше повикан професорот Борче Давитковски, кој во своето излагање нагласи дека секој може да бара заштита и Судот треба да носи одлуки со кои ќе ги натера надлежните органи да постапуваат согласно Законот за амбиентален воздух.

– Уставот којшто вели „секој“ граѓанин, значи секој може. Ова не е „Actio popularis“, знаете кај нас наводно е забрането „actio popularis“, ова не е јавна тужба, ова е тужба за заштита на своето право. Не дај Боже ако на некој му е повредено правото и почине, после кој ќе го брани, фамилијата ли ќе го брани? Значи секој може  да бара заштита и Судот треба тоа да го земе, доколку јавните органи не ги презеле своите надлежности, согласно Законот за амбиенталниот воздух, треба Судот да носи пресуди со цел да им укажува на носителите дека судската власт е голем коректив на извршната власт. На овој начин судот ако влезе во спор, бидејќи се работи за јавен интерес, Судот и превентивно ќе дејствува со цел да ги натера надлежните органи, Градот Скопје, општините дека некој води грижа за граѓаните на оваа земја и дека треба да ги стават на столбот на срамот јавните органи коишто не постапиле согласни надлежностите, нагласи Давитковски.

Според податоците на Институтот за јавно здравје, посочи Давитковски, во земјава секоја година умираат од 4.500 до 5.000 граѓани.

– Институтот за јавно здравје излезе со податоци дека во Македонија секоја година умираат од 4.500 до 5.000 граѓани. Ако ги земете изминативе 32 години од кога постоиме, тоа значи дека ние сме изгубиле една десетина од населението само од загаден воздух и никој не одговара и никој не реагира. Сега имаме адвокати кои реагираат и веднаш Управниот суд се огласува дека немало поединечен акт, немало поединечен случај и тн. Втора информација која излезе деновиве е дека од 10 родени деца, едно починува поради загаден воздух во државата, посочи Давитковски.

Како што претходно појасни судијата известител Џемали Саити, со тужбите биле засегнати повеќе државни органи за непостапување, бидејќи во нив се наведува дека државата со непреземање на дејствија ги оштетила правата на граѓаните за здрава животна средина, и затоа, во начелниот став кој денеска го утврди Врховен се вели „право на здрава животна средина на засегнатите физички и правни лица се однесува за дејствија на преземање или непреземање, од страна на овластено лице како претставник на државната власт или службено лице што работи во органите на државната управа, од аспект на одговорност за преземање на дејствија во рамките на своите надлежности, co кои спротивно на законот, непосредно се ограничува остварување на слобода или некое право загарантирано со Уставот, законите и меѓународните акти“.

Ставот на Врховен е дека „во остварувањето на правото на здрава животна средина се применуваат одредбите од Законот за управните спорови, кои обезбедуваат судска заштита од незаконски акти и дејствија (или непреземени дествија) со кои се повредуваат уставно загарантираните права и слободи на човекот или граѓанинот, кога таа конкретна судска заштита не е предвидена со Уставот и другите закони“, и како што појаснија, под дејствие на службено лице се смета „секое дејствие, активност или акт на сторување или несторување во извршувањето на законските обврски во рамките на своите надлежности предвидени со Уставот, законите и меѓународните документи ратификувани од страна на Република Северна Македонија“.

Целата постапка тргна откако Управниот суд најпрво ги одбил тужбите со образложение дека не е надлежен, потоа Врховен, како највисок судски орган, ги укинал со укажување дека всушност Управниот суд е надлежен, но Управниот суд повторно ги одбил со образложение дека не може поединец да суди за колективно добро. Врховниот суд повторно го вратил предметот до Управен, но таму е донесена иста одлука од други причини, по што со третата одлука, Врховниот суд го прифатил ставот на Управен.

Правото на здрава животна средина е загарантирано со Уставот на Република Северна Македонија во членот 43 „Секој човек има право на здрава животна средина. Секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природата. Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина“. ра/бак/

Фото: МИА

 

Остани поврзан