Вработените од кумановскиот центар за социјални работи на мирен собир во знак на поддшка на нивната колешка од Прилеп
- Вработените во Центарот за социјални работа Куманово, денеска пред установата излегоа на мирен собир за да ѝ дадат поддршка на повредената социјална работничка од Прилеп, посакувајќи ѝ побрзо закрепнување.

Куманово, 26 март 2025 (МИА) - Вработените во Центарот за социјални работа Куманово, денеска пред установата излегоа на мирен собир за да ѝ дадат поддршка на повредената социјална работничка од Прилеп, посакувајќи ѝ побрзо закрепнување.
Вработените, членови на синдикатот УПОЗ апелираа до надлежните институции да обезбедат побезбедни услови за работа. Како што кажаа вработените од Куманово, инцидентот што се случи во прилепскиот центар за социјални работи е потсетник за опасностите и предизвиците со кои се соочуваат при секојдневното извршување на работните обврски.
-Ваквиот напад треба да се третира како напад на службено лице што во овој случај кај нас не е така. И покрај тоа што сме јавни службеници потребно обезбедување во центрите за социјална работа и поради ризиците со кои се соочуваме во секојдневната работа сметаме дека е неопходно да се обезбеди додаток на плата по основ на ризик на работното место, рече во името на синдикатот, Мирослава Илиевска, социјален работник во Центарот за социјални работи Куманово.
Членовите на синдикатот кажаа дека Центрите за социјална работа имаат клучна улога во општеството и работат со најранливите категории граѓани, вклучувајќи лица со нарушена ментално здравје, но и здравите луѓе кои се незадоволни од решенијата кои ги добиваат што резултира со ситуации кои можат да бидат непредвидливи и опасни по животот на вработените во центрите.
-Секојдневно се соочуваме ситуации на насилство, стрес и психолошки притисок овој инцидент е потсетник за сите нас, кажа Илиевска.
Членовите кажаа дека со години наназад бараат обезбедување во самите установи. ам/сст/
Фото МИА