Во Центар Жупа затворени гласачките места, до 18:30 часот излезноста 29,65 отсто, изборниот ден мина мирно
- Во Општина Центар Жупа, во која денеска се гласаше за градоначалник сите 16 гласачки места беа отворени во 7 и затворени во 19 часот.
Дебар, 17 април 2022 (МИА) - Во Општина Центар Жупа, во која денеска се гласаше за градоначалник сите 16 гласачки места беа отворени во 7 и затворени во 19 часот.
-Во еднстениот избрачки список беа запишани 7 077 лица со право на глас, а до 18:30 часот гласаа 2098 или 29,65 отсто. Изборниот ден мина мирно без проблеми, рече Неџип Илјаз, претседател на општинската изборна комисија.
Во трка за градоначалничката функција, како и на 17 октомври минатата година, беа Аријан Ибраим, предложен од Турската демократска партија и Шаин Шаќир од партијата Движење за национално единство на Турците.
Ибраим, кој третпат ја бара довербата од жителите на општина Центар Жупа, роден е 1972 година, основно образование завршил во Центар Жупа, средно медицинско училиште во Тетово. Дипломирал на Економскиот факултет на државниот универзитетот во Афјон, Република Турција, а магистрирал на унивезитетот во Истанбул, насока меѓународно право. Како наставник во родната Жупа, работел две години, а по неколку години работа во Италија се враќа и активно почнува да се занимава со политика.
Шаќир е роден 1966 година во село Голем Папрадник вработен е во секторот за урбанизам во Општина Центар Жупа. Дипломирал на Градежениот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, а магистрирал на Институтот за природни науки на Селчук универзитетот во Коња-Турција.
Изборите се повторија поради необезбеден цензус од 1/3 од гласачкото тело. Право на глас тогаш имаа 7 317 а го остварија 25,77 отсто, при што Ибраим освои 1.342 гласа или околу 72 отсто, додека Шаќир 482 гласа или 26 отсто.
Во објава на Фејсбук, вечерва, Изборниот штаб на Ибраим обвинува дека Шаќир не им дозволил на неговите прврзанци да излезат на гласање, што подразбира дека и овој пат не е обезбеден потребниот цензус.
-Господинот Шаин Шаќир уште еднаш докажа дека сака да има не успешни избори, со тоа што не им дозволи на своите гласачи да излезат на гласање. Очигледно, со тоа, толку работа и мака на нашите печалбари беа попусти. Жално што можеш да бидеш толку намќор! Толку ти се уплашило окото од очигледниот резултат што никогаш неможеш да бидеш победник! Ете точно затоа не можеш никогаш да бидеш градоначалник на Центар Жупа, стои во објавата.
Свој став на Фејсбук објави и Шаќир. - Бевме многу истрошени на првите неважечки локални избори, ако нашата држава му го дава градоначалничкото место на кандидатот, кој беше градоначалник во два претходни мандата, тогаш не може да се зборува за демократски изборен амбиент. Се надевам дека нашиот народ ќе им ги даде потребните лекции на елементите кои создаваат такви антидемократски средини, напиша Шаќир. вт/лв/