• сабота, 23 ноември 2024

Во Тетово одбележан Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа

Во Тетово одбележан Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа

Тетово, 9 мај 2024 (МИА) – Во организација на Сојузот на борци од Тетово денеска пред Споменикот на револуцијата беше одбележан 9-ти мај Денот на победата над фашизмот и Денот на Европа. Пред споменикот беше оддадена почит на загинатите во Народноослободителната и антифашистичка војна со едноминутно молчење и положување цвеќе.

Дел од одбележувањето беше читање на пригоден реферат изработен од професорот Славчо Јовановски.

- Ставајќи се на страна на антифашистичките сили, НОБ и антифашистичката војна ја легитимираат Македонија како дел од цивилизираниот свет. Македонија соодветно и партиципираше и со жртви на оваа тоталитарна идеологија. Пред сè поради фактот што целосно се вклопуваше во освојувачката стратегија на Третиот Рајх, како важна стратешка точка на Југоисточна Европа дефинирана уште од Бизмарк. Токму поради таквата своја положба, Македонија потпадна под германско-бугарска и италијанско-албанска окупација, соочувајќи се со идеите за Голема Бугарија и Голема Албанија. Дури и денес, официјалните истории на овие две држави го употребуваат поимот „ослободени краишта“. Во ова одбележување од поразот на фашизмот во Втората светска војна, навраќањето на овој датум е наша потреба. Споменот на него не смее да се потисне во заборав, пред сè поради фактот што НОБ и АСНОМ ја создадоа современата македонска држава. Тој чин ги обврзува сите генерации, споменот на овој датум да го чуваат со највозвишени чувства, се вели во дел од рефератот.

Авторот на рефератот се осврна и на Денот на Европа, посочувајќи дека идејата за интеграција на Европа потекнува од повоениот период, кога народите на Европа се обидуваат да изградат стабилност и мир на континентот.

- Денот на Европа е повеќе од само прослава на историските настојувања за мир и интеграција. Тоа е прилика за народите на Европа да го одбележат своето заедничко наследство, културна разновидност и вредности како демократија, правда и човековите права. Овој ден ги поттикнува граѓаните на Европа да се обединат во заеднички обиди за решавање на заедничките предизвици како што се климатските промени, социјалната нерамнопоставеност и мигрантската криза.

На настанот присуствуваа и положија цвеќе пред споменикот делегации на Сојузот на борци, АРМ, претставници на дел од политичките партии, здруженија на граѓани и организации и ученици.  ас/дма/


Фото: МИА 

Остани поврзан