• понеделник, 02 септември 2024

Во Тетово одбележана Неделата за промоција на хумани вредности

Во Тетово одбележана Неделата за промоција на хумани вредности

Тетово, 26 септември 2023 (МИА) - Општинската организација на Црвен крст Тетово со пригодна активност ја одбележа Неделата за промоција на хумани вредности (ПХВ). Во просториите на Музеј на Тетовскиот крај (Дом на АРМ) се одржа трибина како и промоција на видеозаписи со спроведените проекти во 2023 година.

-ПХВ неделата од 21 до 27 септември има за цел промоција на мир, толеранција, ненасилство и соживот. Се одбележи со организирање на трибина на која се зборуваше за булингот (насилство) видливо и скриено во училиште и начините на кои може да се превенира, стопира и изолира, информираше Шкљќим Мурати, секретар на Црвен крст Тетово.

Со промоција на видеозаписи учениците волонтери кои учествувале во ПХВ проектите ја претставија својата работа во текот на 2023 година.

- На трибината беа пуштени филмчињата изработени од страна на волонтерите, од ПХВ циклус за 2023 година, при што ги споделија своите искуства и доживувања за време на изработка на своите проекти за помош на заедницата и со тоа се покажа добрата страна на волонтирање на младите кои се позитивните примери во заедницата и примери кои треба да бидат уважени, за кои треба да се раскажува и да се зборува, информираше Шкљќим Мурати.

Учениците во рамки на ПХВ активностите собираат средства за помош на семејства во социјален ризик, се опреми детско одделение во Клиничката болница и други проекти.

Главната цел на ПХВ е вклучување на младите со различна етничка припадност во заеднички проекти за изградба на заемното разбирање, толеранцијата и културата на дијалог. ас/ир

Фото: Црвен крст - Тетово

Остани поврзан