Во Струмица одбележана 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев
- Во Струмица денеска е одбележана 150- годишнината од раѓањето на апостолот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев. Пред неговиот споменик на истоимениот плоштад се одржа пригодна

Струмица, 4 февруари 2022 (МИА) - Во Струмица денеска е одбележана 150- годишнината од раѓањето на апостолот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев. Пред неговиот споменик на истоимениот плоштад се одржа пригодна свеченост на која за неговиот живот и дело зборуваше градоначалникот Костадин Костадинов.
- Љубовта и почитта кон него, но и љубовта и почитта кон татковината повторно не собраа пред овој споменик кој гордо се издигнува во центарот на Струмица, за да му се поклониме на најголемиот меѓу големите, на нашата гордост и гордоста на сите генерации Македонци, Гоце Делчев. Никој не може да остави во македонскиот незаборав толку грандиозно револуционерно дело и никој не може да го положи својот живот за македонските идеали, без пред тоа да се роди. Токму затоа, 4 февруари е датум кој е вечно врежан во македонскиот историски времеплов и во колективната меморија на македонскиот народ, истакна Костадинов.
Претставници на политички партии, институции, здруженија и граѓани положија цвеќе пред споменикот на Делчев. рт/вј/