• среда, 20 ноември 2024

Во спомен на Фофи Генимата, Грција ќе воведе програма за превенција од рак

Во спомен на Фофи Генимата, Грција ќе воведе програма за превенција од рак
Атина, 28 октомври 2021 (МИА) – „Државата со специјална програма за превенција од рак, што ќе го носи нејзиното име, го чествува споменот на Фофи Генимата, онака како што и таа ќе сакаше“, напиша грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис на Фејсбук, соопштувајќи ја програмата во чест на починатата лидерка на „Движење на промена“, јави дописничката на МИА од Атина. Мицотакис објасни дека програмата ќе почне со скрининг за рак на дојка, „бидејќи тоа е најчестиот облик на рак, кој им се заканува на жените и во исто време оној што може да се излечи доколку се открие навреме“, додека пак во 2022 година, ќе се воведе специјална програма за бесплатен пристап на сите жени на возраст од 50-69 години до предсимптоматски прегледи за рак на дојка. -Ова е долг на државата, кој сега станува поголем бидејќи ќе го следи силата и насмевката на Фофи. Заедно со пораката дека во борбата за подобро јавно здравје треба секогаш да бидеме обединети, напиша грчкиот премиер. Во 2008 година на Лидерката на Движење на промена Фофи Генимата ѝ беше дијагностициран рак на дојка и успешно се избори со болеста, а на 11 октомври беше хоспитализирана и како што тогаш соопштија од болницата, здравствени проблеми,се должеа на повторување на нејзината основна болест. По две седмици поминати во болница, Генимата во понеделникот ја загуби битката со ракот и почина на 57-годишна возраст. ср/сд/

Остани поврзан