Во Словачка почна судењето на мажот кој лани го рани премиерот Роберт Фицо
- Напаѓачот, поранешен рудар, каменорезец, чувар, но и поет, писател и јавен активист, пред истражителите изјавил дека пукал во Фицо со намера да го повреди, но не и да го убие, поради несогласување со неговата политика за Украина, медиумите и културата.

Братислава, 8 јули 2025 (МИА) - Во Словачка денеска почна судењето на 72-годишниот Јурај Цинтула, обвинет за тероризам поради нападот во мај минатата година, кога пукаше и тешко го рани премиерот Роберт Фицо.
Доколку Специјализираниот кривичен суд го прогласи за виновен, Цинтула се соочува со доживотна затворска казна.
Напаѓачот, поранешен рудар, каменорезец, чувар, но и поет, писател и јавен активист, пред истражителите изјавил дека пукал во Фицо со намера да го повреди, но не и да го убие, поради несогласување со неговата политика за Украина, медиумите и културата.
Фицо претходно имаше несогласувања со партнерите од ЕУ и НАТО поради неговото противење на воената помош за Украина и неговите напори за одржување работни односи со Русија. Тој, исто така, спроведе реформи во кривичниот законик и медиумите, за кои критичарите велат дека ја поткопуваат демократијата, ветувајќи „брана против либерализмот“ преку уставни реформи, слично на изјавите на унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Фицо го обвини напаѓачот дека е опозициски активист и ја обвини опозицијата за поттикнување омраза. Главните опозициски партии негираа каква било поврзаност со напаѓачот. Премиерот изјави дека му простил на Цинтула и дека нема намера да присуствува на судењето, освен ако не биде повикан да сведочи.
Цинтула испукал пет куршуми од пиштол од растојание од 1,2 метри додека Фицо ги поздравуваше граѓаните во градот Ханд. Премиерот на Словачка беше погоден четири пати, вклучително и во стомакот, по што беше подложен на итна операција. ссм/
фото: ЕПА