• среда, 27 ноември 2024

Шукова: Кога жените се вклучени во процесите и во управувањето со животна средина, исходите се поиздржливи и поинклузивни

Шукова: Кога жените се вклучени во процесите и во управувањето со животна средина, исходите се поиздржливи и поинклузивни

Скопје, 21 мај 2024 (МИА) - Во Скопје денеска почна дводневната „Регионална конференција за родова еднаквост во намалувањето на ризиците од катастрофи во Западен Балкан и Турција“, во организација на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП). Целта на дводневната конференција, како што беше истакнато, е да се продлабочи разбирањето за сложените врски меѓу намалувањето на ризиците од катастрофи и родовата еднаквост во Западен Балкан и Турција.

Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова во своето обраќање на почетокот од конференцијата истакна дека сме на пресек меѓу општествениот развиток и климатските промени, а улогата на жените е клучна во оформување здрави и отпорни заедници. 

- Владите и меѓународните тела мора да се осигураат дека жените имаат глас во создавањето политики, нагласи Шукова.

Таа рече дека учеството на жените во водството и донесувањето одлуки е клучно.

- Студиите покажуваат дека кога жените се вклучени во процесите и во управувањето со животна средина, исходите се поиздржливи и поинклузивни. Жените придонесуваат со уникатна перспектива, сето што се фокусира на добробитот на целата заедница. Образованието, исто така, е клучна алатка во давањето на значење на жените во учествувањето во донесувањето на овие политики, подвлече министерката.

Шукова додаде дека економски зајакнатите жени можат да учествуваат во решенија што се одржливи за природата, технологии, земјоделство.

- Да направиме иднина каде што жените имаат клучна улога како играчи и нивниот придонес е поддржан и ценет. Заедно можеме да го намалиме ризикот и да изградиме отпорност за следните генерации, порача Шукова.

Амбасадорката на Швајцарија, Вероник Хулман рече дека Полог е регионот најподложен на климатски промени, што изминатите години се соочил со многу големи катастрофи. Во 2015 година се уништиле инфраструктура и многу домови и така натаму.

Таа појасни дека Швајцарија замолила УНДП да учествува на овој проект и да воведе сеопфатен систем за подигнување, зајакнување на отпорноста и управување со природните катастрофи во полошкиот регион.

- Проценката што е спроведена во рамки на проектот, покажува дека во вакви региони што се подложни на катастрофи, повеќе од 50 проценти од домаќинствата, мажите ја имаат моќта на донесување одлуки. Жените се помалку застапени во ова донесување одлуки. Малцинствата, исто така и фамилиите, семејствата со помали приходи и така натаму, додаде Хулман.

Проектот, појасни таа, има родово одговорни насоки и се препорачува да се вклучат жените и ранливите групи во креирањето политики и во тие планови за одговор на природни катастрофи.

Хулман подвлече дека Швајцарија останува посветена да ја зголеми отпорноста на Северна Македонија кон природни катастрофи и да промовира еднаквост низ проекти.

Постојаниот претставник на УНДП во Република Северна Македонија, Армен Григорјан изјави дека денеска се присутни за да се потсетат на зачестеноста и катастрофалното влијание на природните катастрофи. Како што кажа самиот, нивното влијание и зачестеност, немаат исто влијае на сите луѓе. Особено за жените, ранливите групи и лицата со попреченост, истакна Григоријан, кои се помалку заштитени.

- Со тоа што ќе го поттикнуваме партнерството, споделуваме знаење и искуства, ќе создадеме иднина со поголема отпорност за сите. Мора да се осигураме дека нашите политики одговараат на потребите на сите родови, на сите групи и никого не заостануваат во однос на намалувањето на ризиците од катастрофи, дециден беше Григорјан.

Според Григорјан, проектот за полошкиот регион, поддржан од швајцарската Влада, цели да ги зајакне капацитетите за намалување на ризиците од катастрофи и климатска отпорност за мажи и за жени во мрежата за отпорност во полошкиот регион. бд/ев/

Фото и видео: МИА

Остани поврзан