• сабота, 23 ноември 2024

Во Одеса прекинато снабдувањето со струја по последниот руски воздушен напад

Во Одеса прекинато снабдувањето со струја по последниот руски воздушен напад

Одеса, 25 март 2024 (МИА) – Во украинското пристаниште Одеса прекинато е снабдувањето со електрична енергија откако руски воздушен напад оштети високонапонски постројка за електрична енергија, соопшти денеска најголемиот украински снабдувач со енергија ДТЕК.

- Ситуацијата е се уште тешка. За да се намали оптоварувањето на мрежата, денеска во градот нема да работи електричен транспорт, а ограничена е и индустриската потрошувачка, објавено е на каналот на Телеграм на ДТЕК, пренесува Укринформ.

ДТЕК додава дека прави се за што поскоро да се врати снабдувањето со енергија на домаќинствата и ги повикува жителите економично да трошат струја.

Соопштено е дека до утринава е вратена струјата во два градски квартови.

Руските сили синоќа ја нападнаа Одеса со неколку групи нападни дронови од Црното Море, чија цел беше енергетската инфраструктура. Остатоците од дрон предизвикале пожар во електрана, кој веднаш бил изгаснат, соопштија градските власти.

Во Николаев 11 лица се повредени од паднати делови од соборен руски дрон од типот Шахед, соопшти регионалната управа на Фејсбук. Како што се наведува, делови од соборениот дрон предизвикале пожар на станбена зграда и два автомобили, а оштетени се и приватни куќи во близина. јт/

Остани поврзан