Во Македонска Каменица одржан Буџетски форум со фокус на младинските политики за Буџетот 2026
- Во Домот на културата во Македонска Каменица вечерва се одржа Буџетски форум на кој младите граѓани активно учествуваа во процесот на креирање на Буџетот на Општината за 2026 година. На настанот тие ги презентираа своите идеи, приоритети и предлози за унапредување на младинските политики и подобрување на квалитетот на живот во заедницата.
Македонска Каменица, 1 декември 2025 (МИА) - Во Домот на културата во Македонска Каменица вечерва се одржа Буџетски форум на кој младите граѓани активно учествуваа во процесот на креирање на Буџетот на Општината за 2026 година. На настанот тие ги презентираа своите идеи, приоритети и предлози за унапредување на младинските политики и подобрување на квалитетот на живот во заедницата.
Меѓу главните предлози што ги истакнаа младите беа реконструкција на градскиот базен, реконструкција и опремување на спортската теретана, поставување тартан-подлога кај училиштето и доделување простор за активностите на Црвениот крст.

-Учесниците предложија и формирање младински хор, повторно организирање спортски турнир, зголемување на бројот на културни и забавни настани за млади, како и организирање кино-проекции и стендап настапи, информираше градоначалничката Соња Стаменкова.
Дополнително, присутните предложија Општината да инвестира во новогодишно украсување и организација на јавен дочек на Нова година, со цел создавање позитивна и празнична атмосфера за сите жители.
Стаменкова упати благодарност до младите за нивната активна улога и конструктивни предлози, истакнувајќи дека Општината продолжува со заложбите за унапредување на младинското учество и развој на поактивна и инклузивна заедница.
-Продолжуваме заедно да градиме подобра и поактивна заедница за сите, порача Стаменкова. вс/са/
Фото: Соња Стаменкова, градоначалник на М.Каменица