• среда, 20 ноември 2024

Во Лешочкиот манастир почнуваат чествувањата пред утрешната канонизација на Кирил Пејчиновиќ

Во Лешочкиот манастир почнуваат чествувањата пред утрешната канонизација на Кирил Пејчиновиќ

Тетово, 15 октомври 2022 (МИА) - По повод канонизацијата на македонскиот просветител и игумен лешочки, Кирил Пејчиновиќ, денеска во 17 часот во Лешочкиот манастир „Свети Атанасиј Велики”, ќе биде отслужена вечерна служба. Утре, пак, во Соборниот храм ,„Св. Кирил и Методиј" во Тетово, со почеток во 8:30 часот, ќе се отслужи света Божествена литургија, со која ќе чиноначалствува Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение на архијереите и свештенослужители од епархиите на МПЦ-ОА. На литургијата ќе биде извршен чинот - канонизација на светиот преподобен Кирил Лешочки.

Верниците ќе имаат можност да пристапат, за време на литургијата и по неа, на поклонение до кивотот каде ќе бидат изложени светите мошти на светителот и до неговата прва икона. Од Тетовско-гостиварската епархија апелираат за почитување на воспоставениот ред во храмот, со цел да се запази поредокот на литургијата и да им се овозможи на сите да се поклонат и да испросат молитвено застапништво од преподобниот Кирил Лешочки.
-Ова е чин со историско значење, дело кое, со Божјата помош и по застапништвото на преподобниот, ќе донесе духовни плодови за нашиот народ и нашата Црква, а воедно претставува и несекојдневен дел од црковната традиција, кој е душеполезно да се посведочи со личното присуство. Тетово и Полошкиот регион, но и нашиот верен народ ширум татковината и светот, добиваат уште еден молитвен покровител, принесувајќи му дар и на соборното Православие, а во слава на Бога. Нека е на многу години, порачаа од Тетовско-гостиварската православна епархија.
Епархијата ги известува граѓаните и верниците дека на 16 октомври, во центарот на Тетово и во пределот околу соборниот храм Св. Кирил и Методиј, ќе биде воспоставен посебен сообраќаен и безбедносен режим. ас/са/

Остани поврзан