• сабота, 27 јули 2024

Во крводарителска акција во Делчево собрани 83 крвни единици

Во крводарителска акција во Делчево собрани 83 крвни единици
Делчево, 6 април 2023 (МИА) - Во рамки на денешната крводарителска акција во Делчево беа собрани 83 крвни единици. Од Општинската организација на Црвен крст Делчево се заблагодарија до сите кои дадоа свој придонес во остварувањето на оваа бројка која, како што посочија, е над просекот кога се во прашање крводарителските акции во Делчево.
-Веќе сме месец април, а досега крводарителите продолжуваат со својата редовност, што нас како организација исклучиво не радува. Конкретно, за денешната акција, за одбележување е тоа што жените беа меѓу најактивните дарители. Приликата ја користиме да изразиме благодарност до сите нив, но и до останатите кои беа дел од денешната акција, истакнаа од Црвен крст Делчево.
Оттаму најавија дека следната крводарителска акција ќе се одржи на почетокот на идниот месец.
-Најголем дел од крводарителите се запознаени дека крводарителските акции во Делчево се одржуваат секој прв четврток во месецот. Така ќе биде и во иднина и поради тоа упатуваме повик до оние кои не беа во можност денеска да даруваат крв, тоа да го сторат на почетокот на идниот месец, додадоа од Црвен крст Делчево.
Во првиот квартал од годината, делчевската општинска организација бележи бројка од собрани над 300 крвни единици, што според нив, е показател дека доколку се продолжи со ова темпо, годишниот план за крводарување ќе биде надминат.вс/бт/
Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан