• петок, 05 декември 2025

Во крводарителна акција во Дебар прибрани 33 крвни единици

Во крводарителна акција во Дебар прибрани 33 крвни единици

Дебар, 16 јуни 2025 (МИА) - Дебарската општинска организација на Црвен крст, во соработка со Институтот за трансфузиона медицина, денеска ја спроведе третата крводарителна акција за годинава. Екипата беше сместена во просториите на Општата болница со проширена дејност, при што во неколку часовниот престој беа прибрани 33 крвни единици.

-Денеска ја спроведовме третата од планираните шест редовни и една вонредна крводарителна акција. И овој пат дебрани покажаа голема хуманост, ако се има предвид намалениот број на жители поради масовната миграција. Од оние кои ја подадоа раката и даруваа крв најбројни беа вработени од хидроелектраната „Шпилје“ и дебарската болница, рече за МИА, Исни Телќиу, секретар на дебарскиот црвен крст.

Меѓу нив беа и повеќекратните крводарители Николче Василевски и Валон Шатку, кои рекоа дека ќе продолжат и понатаму да ја даруваат драгоцената течност што живот значи. Исто така им порачаа на сите чија здравствена состојба го дозволува тоа, да не се двоумат, туку да ја подадат својата рака и да даруваат крв.

Според Телќиу во трите досегашни акции прибрани се 112 крвни единици а доколку се земе в предвид и даруваната крв во здравствени установи за итни потреби, до сега, таа бројка е над 200 крвни единици.

Инаку, годишниот план на дебарската организација, која со својата активност ја покрива и општина Центар Жупа изнесува 620 крвни единици. вт/ра

Фото: МИА

 

Остани поврзан