• среда, 27 ноември 2024

Во Кочани запишани 37, а во Виница 13 отсто помалку првачиња во однос на лани

Во Кочани запишани 37, а во Виница 13 отсто помалку првачиња во однос на лани

Кочани, 12 јуни 2023 (МИА) – Во петте основни училишта во општина Кочани за новата учебна година се запишани вкупно 206 првачиња, што е за околу 37 отсто помалку во споредба со лани.

Во Одделението за јавни дејности на Општина Кочани евидентирале 147 писмени изјави за деца кои нема да го почнат образованието овде поради иселување на нивните семејства, главно во странство.

-Сериозно намалување на запишани првачиња регистриравме на крајот од рокот за пријавување, при што пад на бројот има и во училиштата во градот и во населените места во општината. Карактеристичен е примерот со селата Горни Подлог, Долни Подлог и Мојанци во кои нема ниту едно запишано прваче, иако се работи за населени места што заедно имаат околу 1.300 жители. Според искуствата од претходните години, можно е до крајот на август да бидат запишани уште дваесетина дечиња, чии родители се на сезонска работа во други места во текот на летниот период, но тоа нема значително да ја подобри состојбата, истакна Голубинка Георгиева, раководителка на Одделението за јавни дејности.

Опаѓање на бројот на ученици кои од септември ќе го почнат своето образование е регистрирано и во општина Виница, каде недостасуваат околу 13 отсто од децата во однос на запишаните во учебната година што е при крај.

-Во сите четири основни училишта за учебната 2023/2024 година запишани се вкупно 113 првачиња, од што само во едно има зголемување за 13 ученици во споредба со лани. Во другите бележиме опаѓање, а типичен пример е едно од училиштата во градот каде има 18 првачиња помалку, односно цела паралелка. Уште посериозно е намалувањето во руралните училишта, како на пример во Блатец каде што има три, а во подрачното училиште во село Лаки само едно прваче, истакна Валентина Манчевска од Одделението за јавни дејности на Општина Виница.

Поради намалувањето на бројот на првачињата, директорите на училиштата имаат обврска да ги комбинираат паралелките, а постапката ќе ја спроведат кон крајот на август, во зависност дали во меѓувреме ќе има дополнително пријавени нови ученици. та/сст/

фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан