• четврток, 26 декември 2024

Во директна опасност животот на осудениот грчки терорист Куфодинас

Во директна опасност животот на осудениот грчки терорист Куфодинас
Атина, 26 февруари 2021 (МИА) – Часовите што ги поминуваме се последните, пред Грција да се најде меѓу земјите во кои умираат затвореници штрајкувачи на глад, пишува во иницијативата „Апел за животот на затвореникот штрајкувач со глад Куфодинас“, потпишан од над 1.000 грчки правници и адвокати, кои велат дека се мобилизираат „пред опасноста неотповикливо осудениот затвореник, Куфонтинас, да го загуби животот поради неговото легитимно и разумно барање, поврзано исклучиво со издржување на казната“, јави дописничката на МИА од Атина. Грчките правници и адвокати, кои ја потпишуваат иницијативата за утре напладне закажаа мирен протест во центарот на Атина. Осудениот терорист, еден од лидерите на терористичката организација „17 Ноември“  на 8 јануари започна штрајк со глад и веќе неколку дена, одбива и течности, а неговиот лекар Тодорис Сдукос, вчера, во писмена изјава за медиумите, рече дека „Димитрис Куфодинас е во опасност да го загуби животот во следни два дена“. Куфодинас, преку штрајкот со глад бара да биде префрлен во затворот „Коридалос“ во Атина, каде што и започна да ја издржува неговата казна и токму затоа, правниците преку нивната иницијатива велат дека неговото барање е законско. Со ист став се и од Здружението на судии и јавни обвинители, како и од Националната комисија за човекови права, додека пак граѓани преку социјалните мрежи бараат интервенција од претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу. На нејзиниот официјален Фејсбук профил, на последниот објавен пост од посетата на грчкиот град Јанина, има 27.000 коментари неповрзани со објавата, а поврзани со Куфодинас. Случајот со терористот осуден на 11 доживотни затворски казни е актуелен во Грција, не само поради тоа што неговиот живот е во опасност и заради правниот аспект на неговото барање, туку и поради активностите, упадите и вандализмот од неговите поддржувачи. Вчера упаднаа во политичката канцеларија на заменик-министерот за животна средина, денеска во онаа на заменик-министерот за спорт, а во двата случаи нанесоа материјална штета, фрлија бои, и испишаа слогани за поддршка на Куфодинас. Следеше реакција од владиниот портпарол Христос Тарандилис, кој рече дека  Владата ниту се плаши, ниту се уценува. 63-годишниот Куфодинас во декември од затворот во Волос беше пренесен во затвор со висока безбедност, а неговото барање е да биде префрлен во Атина. Веќе 50 дена штрајкува со глад, а петти ден не прима течности. ср/ссм/

Остани поврзан