• сабота, 23 ноември 2024

Во Германија денеска се одржува „Рамштајн“ средбата, клучна за оружјето што го бара Украина заради одбрана од Русија

Во Германија денеска се одржува „Рамштајн“ средбата, клучна за оружјето што го бара Украина заради одбрана од Русија

Франкфурт, 20 јануари 2023 (МИА) - Земјите кои воено го поддржуваат Киев денеска одржуваат состанок во Германија од кој украинскиот претседател Володимир Зеленски очекува „силни одлуки“ како што е испраќање тешки оклопни возила за помош на неговата земја во идните одлучувачки битки против Русија.

Денешната средба е трета во форматот „Рамштајн“ од почетокот на конфликтот, а на неа ќе учествуваат американскиот министер за одбрана Лојд Остин, како и министри за одбрана и високи воени претставници на педесетина земји. На средбата ќе присуствува и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

- Се подготвуваме за Рамштајн утре. Очекуваме силни одлуки. Очекуваме силна воена поддршка од САД, рече Зеленски во синоќешното видео обраќање.

Неколку часа пред почетокот на оваа средба во американската база во Рамштајн, САД, Велика Британија, Шведска и Данска објавија податоци за нови значителни испораки на оружје за Украина.

Вашингтон одобри нов пакет воена помош од 2,5 милијарди долари за Украина, кој вклучува 59 оклопни возила „Бредли“ и други оклопни возила. Пакетот не вклучува испорака на главниот борбен тенк „Абрамс“ за кој САД велат дека сè уште не се подготвени да го достават во Киев, а како причини ги наведуваат одржувањето и обуката.

Велика Британија се обврза да и испрати на Украина дополнителни 600 ракети Бримстон, Данска 19 топови Цезар од француско производство, а Шведска топови  Арчер. Сите овие системи имаат дострел од десетици километри, што е помал од оној што го бараат Украинците.

Лондон веќе му вети на Киев 14 тешки тенкови Челинџер, а Полска рече дека е подготвена да испорача 14 борбени тенкови Леопард 2 од германско производство во Украина, а сето тоа е далеку од стотината возила што и се потребни на Украина.

Германија е под зголемен притисок од неколку нејзини европски соседи да одобри испорака на тенкови Леопард од германско производство. Новиот германски министер за одбрана Борис Писториус вчера изјави дека одговорот ќе биде „јасен во следните часови или утре (петок) наутро)“.

Украинските власти велат и дека треба да имаат ракетни системи со дострел поголем од 100 километри за да можат да го погодат рускиот логистички синџир, особено складиштата за муниција.

Но, Западот стравува, и покрај украинските гаранции, дека Киев би можел да го ескалира конфликтот користејќи го оружјето за да нападне длабоко во руска територија и врз воздушните и поморските бази на Крим, полуостров што Русија го анектираше во 2014 година.

Вчера Кремљ издаде јасно предупредување - испораката на оружје со поголем дострел би значело дека конфликтот достигнува ново ниво. ссм/

Остани поврзан