Во вторник крводарителски акции под мотото „Направи добро дело“ по повод Светскиот ден на извидниците
- Сојузот на извидници на Македонија во вторник ќе реализира низа активности по повод 22 Февруари – Светскиот ден на извидниците и роденденот на основачот на извидништвото Баден Пауел меѓу кои
![Во вторник крводарителски акции под мотото „Направи добро дело“ по повод Светскиот ден на извидниците](https://mia.mk/index.php/images/20221112125358_big_730x400_56.webp )
Скопје, 18 февруари 2022 (МИА) - Сојузот на извидници на Македонија во вторник ќе реализира низа активности по повод 22 Февруари – Светскиот ден на извидниците и роденденот на основачот на извидништвото Баден Пауел меѓу кои и крводарителски акции под мотото „Направи добро дело“.
Активностите под ова мото, кои вклучуваат и социјална помош за лица на кои им е најпотребно, собирање донации, инклузија на деца и млади со помалку можности, згрижување на улични животни, грижа и заштита за животната средина,... се организирани од 22 извиднички одреди во 17 градови.
-Колку што се прославува денот на извидниците во нашата држава, толку се долго се одржува и традиционалната крводарителска акција во организација на Сојузот на извидници на Македонија и Црвениот крст, велат од Сојузот.
Прецизираат дека крводарителската акција во Скопје ќе се одржи на 22 февруари од 10:00 до 18:00 часот во Младинскиот центар Матично кој се наоѓа во просториите на старо Матично во близина на општина Центар. На неа, посочуваат, крв ќе може да даруваат сите граѓани со наполнети 18 години, добра здравствена состојба и желба да направат добро дело.вј/са/