Во Виена состанок за иранскиот нуклеарен договор
- Во Виена ќе се одржи состанок во обид да се спаси нуклеарниот договор со Иран, а целта на разговорите е да се отвори патот САД да се вратат во договорот од 2015 година и да се мотивира Техера
Виена, 6 април 2021 (МИА) – Во Виена ќе се одржи состанок во обид да се спаси нуклеарниот договор со Иран, а целта на разговорите е да се отвори патот САД да се вратат во договорот од 2015 година и да се мотивира Техеран да го почитува.
Разговорите меѓу претставници на Русија, Кина, Франција, Велика Британија и Германија е првиот дијалог со Иран откако американскиот претседател Џо Бајден ја презеде должноста во јануари. За разлика од неговиот претходник Доналд Трамп, Бајден сака да го оживее договорот.
Според информациите од Техеран, во оваа фаза нема да има директен контакт меѓу САД и Иран.
Договорот се смета за важен елемент во контролата на вооружувањето, бидејќи има за цел да ја спречи исламската република да произведува нуклеарно оружје.
Сепак, ветената економска соработка со Иран во замена за ограничување на неговата нуклеарна програма никогаш не се оствари поради едностраното повлекување на САД за време на Трамп.
Техеран на санкциите на САД одговори со кршење на повеќе услови од нуклеарниот договор.
Во меѓувреме, земјата значително ги зголеми своите резерви на ураниум, потребни за производство на нуклеарна бомба. јт/