• четврток, 05 декември 2024

Во Велес отворена  јубилејна изложба „70 години од смртта на Димитар Андонов Папрадишки“

Во Велес отворена  јубилејна изложба „70 години од смртта на Димитар Андонов Папрадишки“

Велес, 8 ноември 2024 (МИА) - Во организација на Народниот музеј од Велес во соработка со Националната галерија на Македонија, Повардарска Епархија и Општина Велес синоќа во Ликовниот салон во Велес беше отворена голема јубилејна изложба насловена „70 години од смртта на Димитар Андонов Папрадишки“.

На изложбата се представени икони од цркви во велешко и 20 профани дела од Националната галерија, информираат од Народниот музеј, кои се организатори на изложбата.

-Тој е  еден од последните зографи и првиот македонски профан сликар кој кон крајот на 19 век го направи историскиот пресврт во македонското сликарство, поврзувајќи ги последните нишки од религиозното сликарство со првите обиди на профано сликарство. Во својот долг и плоден творечки живот Димитар Андонов Папрадишки насликан 1200 икони во  околу стотина цркви во Македонија  и Србија со што се смета за еден од најпродуктивните македонски зографи.Смртта го затекнала на 95 годишна возраст кога во неговото атеље во Скопје останале недовршени дела со профана и религиозна содржина потсети Елица Николова, кустос советик од Народниот музеј организаторите на изложбата.

Маја Неделковска Брзанова, в.д директор на Националната галерија на Македонија, во своето обраќање до присутните искажа голема благодарост до Народниот музеј од Велес за иницијатива за оваа изложба преку која широката јавност и ликовната публика имаат исклучителна можност да се потсетат и да уживаат во делата на Димитар Андонов Папрадишки, родум од велешкото село Папрадиште.

- Во нив се дела иконописот, но и профаната уметност, некои и дел од нашата колекција. Со оваа изложба го чествуваме еден од најзначајните имиња во развојот и афирмација на македонската уметност Димитар Андонов Папрадишки. Автор кој донесе историски пресврт поврзувајќи ги последните нишки на религиозното творештво со првите обиди на профано сликарство. Во историјата на уметноста тој ќе остане запаметен како зачетник на новите тенденции од крајот на 19 век со кој постепено се напушта естетиката на традиционалното византиско и поствизантиско сликарство во насока на инклузирање на црковната уметност. Оваа изложба која разоткрива дел од ликовното творештво на Димитар Андонов Папрадишки е само еден мал придонес во градењето паметник негувањето култ кај идните генерации подготвено да го прифатат предизвикот и понатаму да истражуваат разоткриваат и да го негуваат споменот, достојно презентирајќи ја нашата културно-уметничка оставштина, потенцира Неделковска Брзанова.

За профаното сликарство на Димитар Андонов Папрадишки, информира  Маја Чанкуловска Михајловска виш кустос од Националната галерија на Македонија која потсети дека Папрадишки бил зограф и сликар кој го користел платното и маслените бои за да ги забележи за вечноста портретните ликови на неговите современици, како и на неговите најблиски користејќи ја и фотографијата како работна подлошка.  Тој е преставник на реализмот, на кого секако влијание имало неговото школување во Русија, како и литографии и репродукции од западноевропско потекло. Папрадишки во областа на црковното и профаното сликарство остварил богат фонд трајни остварувања ширум Македонија и пошироко, во Србија и Бугарија.

Проектот е прифатен од страна на Министерството за култура  како дел од Годишната програма за остварување на проекти од национален интерес во културата за 2024 година,  на визуелните уметности, архитектурата дизајнот за 2024 година.

Инаку изложбата беше во рамките на богатата програма на Општина Велес  по повод празникот 9 –тти Ноември и одбележувањето  80 години слободен Велес. ад/сст/

 

 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан