• петок, 27 декември 2024

Во Велес еден заболен, а еден оздравен од Ковид-19

Во Велес еден заболен, а еден оздравен од Ковид-19

Велес, 29 мај 2020 (МИА) - Еден ново заболен, а еден излекуван има регистрирано во изминатото деноноќие во Велес. Со ова, за два дена во Велес излекувани се десет пациенти, информира градоначалникот Аце Коцевски. Тој по денешната седница на Општинскиот штаб за заштита и спасување оцени дека состојбата во Велес значително е подобрена во однос на претходниот период, а потенцира дека тоа било констатирано и од надлежните институции.

-Оценката е дека градот не бил контаминиран и дека претходните оценки за контаминираност биле престроги и неточни. Најголем доказ за тоа не се само драстично намалениот број на новозаразени од Велес, туку контролата која е направена врз вработените до Детската градинка „Димче Мирчев“. Таму  нема ниеден позитивен на Ковид-19 од вработените, иако тие живеат во различни делови на градот. Тие меѓусебно не контактираат и со тоа се потврдува  дека нема широка загрозеност  од епидемијата од Ковид-19 во Велес, оцени Коцевски на денешната прес-конференција.

Додаде дека добра вест е што следната недела очекуваат триесетина пациенти да добијат втор негативен тест, и со тоа драстично ќе се намали бројот на активните инфицирани од градот, и ќе биде сведен на едноцифрен број.

Коцевски потсети дека од Велес и велешко досега се инфицирани 129 пациенти.

Информира дека досега 89 се оздравени со два негативни тестови, а за жал девет граѓани починале.

Сега активни се 31 од кои 13 се на лекување во Инфективното одделение во велешката Општа болница, двајца се во Инфективната клиника во Скопје, и еден пациент заради други причини се наоѓа на лекување во Градската Општа болница „8-ми Септември“ во Скопје.

Коцевски  апелира до граѓаните посебно младите по укинување на полицискиот час, да не се олабавуваат премногу и да не се групираат на повеќе места во градот. Задолжително да носат заштитни маски.
Како што информира, полицијата од 22 до 27 мај поднела само една пријава за непочитување на полицискиот час. По неговото укинување биле укинати контролните пунктови на влезовите во Велес.

Испрати апел до граѓаните да не се групираат на повеќе локации во градот, посебно кај рекреативното езеро „Младост“.ад/бт/

Остани поврзан