Во Битола отворена мултимедијална изложба на тактилни експонати и мозаици „Допир“
- Битолскиот Музеј во рамки на манифестациите посветени на јубилејот 90 години од формирањето, денеска промовира тактилна изложба која содржи тактилни мозаици, тактилни експонати во 3-Д верзија и тактилни предмети од месинг.
Битола, 20 декември 2024 (МИА) - Битолскиот Музеј во рамки на манифестациите посветени на јубилејот 90 години од формирањето, денеска промовира тактилна изложба која содржи тактилни мозаици, тактилни експонати во 3-Д верзија и тактилни предмети од месинг.
Изложбата „Допир“ е континуитет на проектите за пристапност кои една деценија се подготвуваат во битолскиот Музеј, а со кои раководи д-р Ирена Ружин.
-Ние го запазуваме правилото секоја тактилната копија да биде изработена со ист материјал како оригиналот, но не во иста големина затоа што тоа е забрането. Со оваа изложба сакаме да покажеме дека секоја институција ако сака да биде пристапна за сите, има начин како тоа да го направи. Вакви примери има во многу музеи на Балканот и тоа се покажа како успешен начин за отвореност на музеите, посочи Ружин.
Од НУ Завод и Музеј-Битола информираа дека со овие проекти, посетеноста на музејот е значително зголемена.
-Во Музејот имаме бројни посетители со различни типови на попреченот и нашата цел е секоја изложба, секоја поставка да биде со универзален дизајн. Овие проекти ги работиме веќе десет години и нашата желба е активно да им се помага на лицата со попреченост, односно слепи лица и лица со слаб вид. Подготовката на секој проект ги вршиме во соработка со нив бидејќи тие ги даваат најпрактичните информации, појасни Ружин.
Изложбата „Допир“ ќе биде отворена во текот на предновогодишните и божиќните празници, соопштија од НУ Завод и Музеј-Битола. мт/дма/
Фото: МИА