• среда, 25 декември 2024

Во Берово одбележан Интернационалниот ден на старите лица

Во Берово одбележан Интернационалниот ден на старите лица

Берово, 2 октомври 2023 (МИА) - По повод Интернационалниот ден на стари лица градоначалникот на Берово Звонко Пекевски ги посети корисниците во Домот за стари лица д-р Иван Влашки. Честитајќи им го Денот, Пекевски потенцираше дека помошта и поддршката за лицата во трето доба е најмногу потребна. 

-На старите луѓе им е потребно внимание, првенствено да почувствуваат дека не се заборавени и дека ја имаат потребната грижа и да ги препознаат своите способности, кои можат да ги искористат низ пренесување искуство и знаење на помладите генерации, рече Пекевски.

Општина Берово, како што додаде, ќе продолжи да го дава максимумот за подобрување на условите за живот на старите лица во установата, како од социјален и здравствен, така и од културно-забавен аспект. 

-Исто така постојано работиме и на зголемување на капацитетите, при што во тек е изградба на четврта ламела, која ќе понуди нови 28 легла за корисници. Нека им е честит Денот на старите лица,  да  им дадеме доволно љубов, почит  и грижа, да се почувствуваат корисно и вредно во општеството и да учиме од нив, дека малите работи го прават животот совршен, додаде Пекевски.

Во Домот за стари лица д-р Иван Влашки во моментов се сместени  37 корисници, а со изградба на четвртата ламела бројот ќе се зголеми на 65 корисници. вс/мд/

Фото: МИА

Остани поврзан