• вторник, 24 февруари 2026

Во Аргентина штрајк на клубовите поради обвинувања против претседателот на тамошната фудбалска асоцијација

Во Аргентина штрајк на клубовите поради обвинувања против претседателот на тамошната фудбалска асоцијација

Буенос Аирес, 24 февруари 2026 (МИА) - Аргентинските клубови се согласија да штрајкуваат од 5 до 8 март во знак на протест против гонењето на претседателот на Аргентинската фудбалска асоцијација (АФА), Клаудио Тапија, објави АП.

Најавата за штрајкот следеше по повикувањето на Тапија на сослушување од страна на судија на 5 март во врска со наводната злоупотреба на средствата од социјалното осигурување. Истрагата се базира на жалба поднесена од владината Агенција за собирање приходи и царина (ARCA).

„AFA“ објави дека извршниот комитет на професионалната лига едногласно одлучил да ги суспендира сите натпревари во првата дивизија и другите лиги од 5 до 8 март во знак на протест против жалбата поднесена од ARCA.

На 20 февруари, судијата Диего Амаранте му забрани на Тапија да патува во странство и повика уште четири службени лица на сослушување на почетокот на март, како дел од истрагата за неплаќање придонеси за социјално осигурување во вкупен износ од 19 милијарди пезоси (приближно 13 милиони американски долари) во 2024 и 2025 година. Меѓу повиканите се благајникот на АФА, Пабло Товихино, генералниот секретар Кристијан Маласпина, генералниот директор Густаво Лоренцо и поранешниот претседател на Расинг, Виктор Бланко.

Според жалбата на даночната управа, АФА не ги префрлила задржаните износи во рок од 30 календарски дена од датумот на доспевање, што довело до известувања за заостанати долгови. Здружението го негира долгот и тврди дека доброволното плаќање на овие придонеси е извршено пред датумот на доспевање.

Кратко пред да биде објавен штрајкот, судијата Амаранте му одобри на Тапија да патува во Колумбија и Бразил за да учествува на официјални настани. зс/

Фото: ЕПА

Остани поврзан