• среда, 27 ноември 2024

Војните ги зголемуваат изгледите за профит на американската одбранбена индустрија во 2024 година

Војните ги зголемуваат изгледите за профит на американската одбранбена индустрија во 2024 година

19 декември 2023

Национал - Загреб

Кога Пентагон, непосредно по инвазијата на Русија во Украина, ги собра најголемите светски добавувачи во одбранбената индустрија за да им каже да го зголемат производството, еден од извршните директори се двоумеше, велејќи дека не сакаат да бидат заглавени со полни магацини проектили откако ќе престанат борбите, раскажуваат три извори запознаени со тие разговори.

Речиси две години подоцна, големите одбранбени фирми се предомислија, при што неколкумина очекуваат силна побарувачка во 2024 година, бидејќи САД и нивните сојузници складираат скапо оружје и муниција додека внимателно ги следат акциите на Русија и Кина, кои ги сметаат за поагресивни.

Пресметката е едноставна. Со цел, на пример, да се задоволи побарувачката за противракетна одбрана, производството на пресретнувачи Патриот за американската армија ќе се зголеми од 550 на 650 проектили годишно. Со индивидуална цена од околу четири милиони долари, тоа значи потенцијално зголемување на продажбата од 400 милиони долари годишно за само еден систем на оружје. Бидејќи зголемувањето на обемот на производство на постарите системи е секогаш попрофитабилно од високите инвестициски трошоци поврзани со зголемувањето на производството на нови системи, посилната побарувачка брзо ќе се претвори во нето профит на компаниите.

Се очекува дека акциите на најголемите одбранбени компании, кои лесно го надминаа растот на референтниот берзански индекс S&P 500 во последните две години, ќе продолжат да зајакнуваат. Се предвидува дека цените на акциите на Lockheed Martin, General Dynamics и Northrop Grumman ќе пораснат меѓу пет и седум проценти во следните 12 месеци, додека S&P се очекува да оствари ограничени добивки.

Залихите на оружје на Америка не беа „полни“ пред Русија да ја нападне Украина, посочува Ерик Фанинг, извршен директор на Здружението за вселенска индустрија Aerospace Industries Association, а противниците сметаат дека нашите резерви се намалуваат и се трошат. Како резултат на тоа, побарувачката е поттикната од кинеската агресија, стравот од руската агресија и поддршката за сојузниците на Блискиот Исток, рече тој.

Системот Патриот и ракетни мотори

Производството на системот Патриот може да се расчлени за да се покаже како продажбата на основните артикли ќе влијае на голем број компании. За почеток, RTX прави радари и копнени системи, а Локхид Мартин ја прави најновата генерација на ракети пресретнувачи. RTX го зголеми производството на фрлачи и системи за контрола на 12 единици годишно. Лансерот и радарот заедно чинат околу 400 милиони долари.

„Боинг“ најави дека во следните неколку години ќе го зголеми производствениот капацитет за повеќе од 30 проценти во фабриката во Хантсвил, Алабама, каде што ги произведува сензорите што се користат за водење на ракетата „Патриот“. Друг силен сигнал за побарувачка може да се види во нереализираните нарачки за ракетни мотори со цврсто гориво што се користат во широк опсег на оружја кои беа многу барани од почетокот на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.

САД имаат два водечки производители на ракетни мотори - Northrop Grumman и L3Harris Technologies, кои пријавија раст на побарувачката. Нортроп наведе дека голем дел од тоа зголемување се должи на побарувачката за неговите ракетни мотори и боеви глави во наведувани ракети за повеќекратни системи за лансирање (GMLRS) кои се широко користени во Украина. GMLRS се проектили управувани со GPS со боеви глави од 200 фунти (90 килограми).

Локхид Мартин произведува 10.000 проектили годишно и го зголемува производството на 14.000. Нивната просечна индивидуална цена е 148.000 долари, според воените документи, а во Украина досега се испратени повеќе од 6.100, според анализата на Ројтерс.

Потребата за значителни залихи станува се посилна со секој ден на истрелување на муницијата, изјави за Ројтерс Тим Кејхил, шеф на одделот Missiles and Fire Control на Локхид, главниот снабдувач на пресретнувачите Патриот и ГМЛРС. „И не гледам дека (таа - побарувачката) ќе се намали“.

Извршниот директор на еден производител на ракетни мотори изјави дека администрацијата на претседателот Џо Бајден дала приоритет на муницијата во своето барање за буџетот на Пентагон за 2024 година. Предлог-законот за одбранбени средства во вредност од 886 милијарди долари, кој го усвои Конгресот минатата недела и се очекува да биде потпишан од Бајден, исто така се очекува да им даде поттик на нарачките. ссм/

фото: архива

 

Остани поврзан