• сабота, 23 ноември 2024

Волонтери развиваат одржливи практики во делчевското село Стар Истевник - од семе до тегла

Волонтери развиваат одржливи практики во делчевското село Стар Истевник - од семе до тегла
Делчево, 3 октомври 2021 (МИА) - Центарот за одржливи практики „Природна перспектива“ е организација што поддржува идеи и знаења во областа на одржливоста, често барајќи простор и ресурси, преку кои членовите на организацијата стекнуваат нови знаења, но и споделуваат лични инспиративни знаења со другите. Во таа насока во изминатите шест месеци во делчевското село Стар Истевник, каде што се наоѓа центарот на „Природна перспектива“, се спроведува проект што опфаќа повеќе сегменти од нивното работење. Активни учесници се волонтери од Македонија, Португалија и од Бугарија, кои како дел од шестмесечниот проект ги промовираат одржливите практики во руралните средини. Координаторот на проектот Борче Димитровски од Делчево вели дека меѓу целите на проектот е зајакнување на мрежата на „Природна перспектива“ и борбата против климатските промени преку промоција на руралните средини, кои во нашата држава, но и во повеќето земји во светот, се запоставени. - Се наоѓаме во селото Стар Истевник во нашиот центар за одржливи практики „Природна перспектива“, каде што заедно со волонтери од програмата на Европскиот солидарен корпус и Еразмус плус спроведуваме проект во времетраење од шест месеци. Главен фокус на активностите е да се бориме против климатските промени, да покажеме како ние можеме на локално ниво да се справуваме со сите тие проблеми, да ја зајакнеме нашата мрежа, за да се соединиме сите заедно и да пробаме да го споделиме сето тоа што сакаме да го промовираме. Воедно сакаме да покажеме како можеме да ги развиеме нашите села, кои во нашата средина, па и низ светот, се малку запоставени од градските средини, каде што живеат поголем дел од луѓето, вели Димитровски. Меѓу главните активности во насока на промоција на одржливоста, како што истакна, волонтерите во изминатите шест месеци целосно го спроведоа процесот наречен од семе до тегла. - На почетокот засадивме неколку различни видови зеленчуци во нашата градина и сето тоа го правиме по принципите на пермакултурата попознато како органско земјоделство, но вклучително со различни техники во рамки на тие пермопринципи. На почетокот почнавме со подготовка на нашите градини, донесовме различни типови органско ѓубре од планината и органско ѓубре кое е спремно да биде искористено за градините и резултатите се очигледни, веќе имаме прекрасни растенија, што секој ден со волонтерите ги имаме на нашето мени, додаде Димитровски. За самите волонтери, подвлече, е задоволство да се хранат претежно со работите што сами ги создале, но понекогаш, за да биде разновидна исхраната, прават размена со соседите во селото. - Понекогаш од она што сме го произвеле го менуваме за млеко, јајца и слично. Се разбира, не се сведува сè на тоа, за да си ги задоволат своите потреби, волонтерите некогаш да одат до градот да имаат еден најобичен ручек, доколку, нели, сакаат да си купат нешто плус, а најчесто ќе ги сретнете на градскиот пазар, каде што секогаш одбираат нешто разновидно, што, секако, е потпомогнато од средствата што ги добиваат од проектот. Иако не е многу лесно да се живее на село и да се почне од нула, ние се обидуваме да најдеме начин што ќе го споделиме за да биде полесно за другите, дециден е Димитровски. Португалецот Нелсон се обиде да ни долови што сè годинава имаат произведено во нивната градина во Стар Истевник. - Во градината имаме: домати, босилек, пиперки, краставици, копар, праз, имаме „лубеница“. Во горната градина што е од задната страна на куќата имаме брокули, зелка, различни видови грав, пченка, компири. Сега се подготвуваме и за садници од сортата „алтан“. Се разбира, јас не сум единствениот што го работи ова, ми помагаат и сите други волонтери. Се трудиме да ги почитуваме колку што можеме тие принципи познати како пермакултура, вели Нелсон. Упатен добро во целата работа, ни раскажа за целиот процес на обезбедување органско ѓубриво, чија употреба е значајна за да се добијат здрави плодови. - На почетокот на сезоната направивме три подигнати леи овде, овие три подигнати леи се над почвата. Потоа го ставивме компостот - ѓубриво од крава и шумски компост. Две големи приколки од секое, и ги ставивме во трите подигнати леи. Целта е да се нахрани почвата, која потоа ќе ги нахрани растенијата. Наместо да ги храниме директно растенијата, сакаме да го избегнеме ова, тоа е она што се прави во индустриското земјоделство, додава волонтерот од Португалија. Пред крај на сезоната Нелсон кажа дека планираат да направат уште неколку подигнати леи во задниот дел од градината, кои ќе бидат постојани, и ќе можат да работат на нив. - Техниката што ја користиме на овие подигнати леи и ќе ја користиме на подигнатите леи одзади: ставаме слој од картон за да избегнеме растење на плевел. Го наводнуваме поприлично картонот, така што да почне да се распаѓа. Потоа го ставаме целиот компост, што го споменав, и на врвот од компостот ставaме слама. И оваа слама придонесува на различни начини. Еден од нив е да се спречи појава на нов плевел, така што ќе имаме многу помалку работа во плевење. Исто така, тоа ја задржува водата во почвата, и не дозволува водата да испари поради сонцето, и ќе можеме да ја наводнуваме поретко. Исто така служи и како органска материја, која постепено ќе се распадне во органска маса со текот на времето и ќе придонесе со повеќе минерали и хранливи материи во почвата, што е точно она што им треба на растенијата, и она што ни е потребно за да ја нахраниме почвата, додава Португалецот. Своето искуство го сподели и волонтерката Веселина Маџарова од Бугарија, која го пофали машкиот дел од екипата, велејќи дека не само што работат во градината, туку понекогаш помагаат и во кујната. - Во градината имаме по малку од сè, боранија, зелки, пиперки, компир, домати, тиквички и откако започнавме да произведуваме си готвиме исклучиво од градината. Многу е убаво да отидеш да си „скинеш“ плод од градината и да го приготвиш, што потоа е многу вкусно. Во готвењето, ако немаат обврски во градината, се нафаќа и некој од момчињата да готви, вели Маџарова. Маџарова додаде дека наводнувањето исто така е од огромно значење во целиот процес. - Во моментот ги полевам „бебињата“, така ги викам овие семиња што ги засадивме скоро. Сега импровизираме, но кога ќе пораснат во плод ќе можат да се видат подобро. Ова овде ни е поегзотичниот дел од градината, на пример, овде имаме „физалис“, тоа подолу се плодовите внатре, има жолт плод кога зрее, имаме „кафеави“ домати, „мангоут“. Сакавме да екпериментираме со различни методи, да изгледа малку поатрактивно, во вид на „џунгла“, рече таа. Околу дневната рутина на групата задолжен за да ја долови атмосферата беше волонтерот Џеј Дишлиев, исто така од од Бугарија. - На почетокот секогаш се трудиме да имаме неколку различни методи, кои ќе бидат најефикасен начин за да се развиеме самите како дел од природата. Вообичаено се будиме околу 7 часот, нашиот „супервизор“ нè буди со специјално „ѕвонче“, чиј звук ќе го чуете подоцна. Потоа доаѓаме на ова место (покажува кон блиската широка ливада) каде што правиме јога или дневни вежби. Морам да напоменам дека не е секогаш јога во прашање, секогаш гледаме да бидат различни вежби и секој од нас да ги практикува, раскажува Дишлиев. Откако ќе се „размрдаат“ со вежбите тие се собираат во нивната „канцеларија“ и во рамки на 15-минутната средба прават кратка листа како ќе го поминат денот. - Се обидуваме да имаме распоред до ручек кога потоа некој од нас готви. Веси одлично готви, но понекогаш се вклучуваме и ние самите. Потоа во зависност колку е топло, правиме мала пауза, а потоа продолжуваме со активности сè до вечерта. Од таа перспектива се обидуваме да ги вклучиме и луѓето од заедницата, бидејќи времето не е кратко, станува збор за 6 месеци. Затоа секако имаме различни видови игри, некои наши игри во кои јас уживам, едноставно тоа се моменти што ги обожавам, додава Дишлиев. Нелсон се надоврза на работата во градината зад куќата ставајќи акцент на органското производство. - Нешто друго што не го кажав за градината е тоа што нашето да го наречеме земјоделство е органско земјоделство. Ние не користиме никаков вид пестициди, хемикалии или синтетички пестициди. Сè е базирано на природата. На пример, вариме коприва. Една од техниките што ги користиме е растенија што растат заедно и си помагаат. Како што можете да видите овде, на пример, имаме четири вида растенија: праз, зелка, цвекло и брокули. Причината зошто го правиме ова е затоа што растенијата си помагаат едни на други. Тие не се натпреваруваат за истите хранливи материи. На пример, празот помага зелката да не ја напаѓаат штетни мушички, додаде Португалецот. Како една од поважните работи што ни ги откри е тоа што вршат различни видови мулчирање на почвата, што е еден вид прекривање на почвата со органска маса. - На пример, ова се сушени лисја од домати. Ги ставаме на почвата околу зелката и ова исто така ќе спречи појава на некои инсекти. Оваа година немавме црви што ја јадат зелката или брокулите, што е неверојатно. Исто така, постои причина зошто не ја сечеме дивата вегетација околу нашата градина. Тоа го правиме затоа што привлекува многу корисни инсекти, како бубачки, и некои други инсекти на кои да бидам искрен не им ги знам имињата на англиски. Но, сите тие инсекти ќе ни помогнат да се бориме со лошите инсекти што се непожелни. Исто така, ова ќе привлече многу птици што исто така помага. Тоа е, на некој начин, биодиверзитет (биолошка разноликост). Понекогаш губиме дел од нашето производство поради птиците, и тоа е сосема во ред. Тоа се вика размена, прецизираше волонтерот од Португалија. Најважно при реализирањето на сите активности, додава Борче, е тоа што го прават, го прават со позитивна мисла и грижа. - Сите што се тука и волонтерите кои дојдоа го препознаваат тоа што ние сакаме да го правиме и да изгледа онака како што ние сакаме да изгледа. Оваа година имаме видливи резултати, градината е во понапредната фаза, благодарение на сите кои се грижат за неа, рече Димитровски. Според координаторот на проектот, волонтерството може да биде на многу повисоко ниво, што е случај во повеќето европски земји. - Волонтерството треба да биде прифатено како еден вид работа во смисла „да дадеш“ за да добиеш нешто малку подоцна. На пример, кога одевме сега на пожарите што го зафатија овој регион, не одевме ние да добиеме нешто веднаш, туку одевме за да го дадеме тоа од сè срце и со текот на времето резултатите ќе си дојдат сами од себе. Исто е и со градината, на почетокот дававме сè од себе за да успее градината, знаевме дека ќе имаме резултати, но дека ќе бидат фасцинирачки резултатите не очекувавме. Сето тоа значи е благодарение на нашата добра волја, да постигнеме нешто што понекогаш е подолгорочно, додаде Димитровски. Нагласи дека фокусот на активностите од проектот не е само во Стар Истевник, туку дека како волонтери активно биле вклучени и во други активности од добробит за заедницата. - Сето тоа што го правиме тука не е само да сме фокусираме на едно место, центарот се обидуваме да го развиеме постепено. Во создавањето на нашата мрежа за развој на центарот се обидуваме да помагаме на многу други млади луѓе кои имаат одлучено да го направат својот прв чекор да излезат од конфорната зона и да почнат да почнат со слични проекти на село. Веќе имавме посета на една работилница за градба со природни материјали во Велес. Исто така го посетивме село Тодоровци во М. Каменица, каде што имаме пријатели кои со години живеат таму, имаат пчели, градини, си прават свои куќи, се обидуваат да бидат самоодржливи и се обидуваат своето искуство да го споделат со нас. Во иднина планираме да посетиме уште такви млади луѓе кои сакаат да живеат на село, додава Димитровски. Во рамки на активностите кои се одвиваат надвор од Стар Истевник волонтерите многу пати биле пример. Беа меѓу најактивните во гаснењето на пожарите, организираа повеќе акции за собирање отпад на различни локации. Целта, како што кажа делчевскиот волонтер, е работите за кои сметаат дека се општокорисни да ги завршат со цел да бидат пример со тоа што нивната идејата ќе биде споделена особено преку медиумите, за што изразија благодарност за нашето присуство и можноста што им се укажа тоа да биде промовирано и презентирано пред пошироката јавност. Димитровски нагласи дека ваквата програма нуди многу можности за останати млади кои имаат можност да бидат дел до програмата во рамки на останатите проекти кои тие ги имаат како здружение. - На дел од тие проекти учесниците имаат можност и да патуваат во други земји. За вториот проект имаме тренинг-курс за кој треба да се пријават кандидати кои ќе можат да ја посетат Галиција во Шпанија. Проектот се вика „Back to the roots“ и во рамки на истиот треба да се стекнат токму со знаења како да ги развиваме руралните средини. На тие проекти ние се стекнавме со тие вештини и знаења кои денес ги даваат овие резултати, така што би ги поканил сите заинтересирани да не посетат на нашата страна и здружение, трошоците им се покриени, така да слободно нека се обратат доколку се заинтересирани за ваков вид на обуки, дополни Димитровски. При крај на посетата на Стар Истевник се упативме кон куќата каде што престојуваат волонтерите. - Во изминатите две-три години сами со Симона го вршевме големиот дел од уредувањето на куќата. За оваа година планиравме да направиме фасада од каде што главните придобивки на градбата со кал е тоа што требаше целата фасада од кал да ја растопиме и да ја вратиме. Но моравме некои активности да ги пренасочиме и да работиме со тоа што можеме и што имаме, рече Борче. На влегување во нивниот дом, волонтерот Џеј ни покажа некои основни правила кои важат во куќата. - Ова е нашиот аларм за будење наутро. Кога ќе го слушнат звукот наутро (удира во ѕвоното) сите се симнуваат долу и го започнуваме нашиот ден. Прилично едноставна работа. Звукот означува дека е 7 часот по македонско време. Ова овде е кујната. Навистина уживам во овој простор, затоа што го поминувам поголемиот дел од времето овде. Овде разговараме за нашите идеи и дискусии. Ова е нашата огласна табла овде, таа е прилично мала… На неа можете да видите некои од основните идеи што ги имаме споделено. Идејата ќе ја закачиме тука, за потоа да се навратиме и да ја ревидираме, додава волонтерот од Бугарија. Фотографиите на таблата сами по себе кажуваа за доживувањата кои волонтерите ги имале во текот на нивниот престој, но можеа да се забележат и фотографии од нивниот личен живот надвор од проектот. - На оваа табла може да видите неколку фотографии на коишто сме ние самите. Навистина го сакам овој момент од фотографијата на тракторот. Овде сме на нива со тикви, на отворено, ова е во Стар Истевник. Оваа фотографија овде... тоа е еден од волонтерите, мислам дека тие слики се од 2018 - 2019 година. Овие фотографии, само сакам да ги споменам, се направени со полароидна камера. Направена е на тој начин што се поврзувате со блутут и фотографијата излегува инстантно. Многу е кул. Ова е на еден фестивал на кој учествувавме неодамна, минатиот месец, во Берово. Беше просто неверојатно. Луѓето, заедницата таму, волонтерите... неверојатни луѓе, раскажува Дишлиев раскажувајќи за една фотографија која се забележуваше дека е од неговата кариера како музичар. Освен што одлично се забавуваат кога се во куќата волонтерите имаат научено и да подготвуваат домашни специјалитети. Пред да го напуштиме нивниот центар во Стар Истевник напоменаа дека една од главните теми за кои разговараат е и темата за нула отпад. Според нив, тоа е нешто што се обидуваат да го интегрираат во нивниот живот и изразија надеж дека ова ќе биде една од нивните задачи за реализација во блиска иднина. Проектот завршува на крајот на ноември, што, според координаторот, ќе биде одлична можност волонтерите да пробаат дел од зимницата. На крајот од разговорот изразија надеж дека нивната приказна ќе ја слушнат поголем број луѓе кои ќе се запознаат со она што го работат. До нивните следбеници на социјалните мрежи порачаа секогаш да им напишат порака за сè што ги интересира, а доколку сакаат да ги посетат, вратите на центарот ќе бидат секогаш отворени да им понудат кафе, да им скинат дел од плодовите во градината и да поразговараат за нивните активности. Главната порака за крај ја испрати Нелсон, кој порача: „Бидете одржливи“. Валери Спасевски       

Остани поврзан