• понеделник, 23 декември 2024

Воена парада во Солун по повод националниот празник на Грција

Воена парада во Солун по повод националниот празник на Грција

Атина, 28 октомври 2024 (МИА) – Со традиционалната воена парада, во присуство на претседателката на Грција, Катерина Сакеларопулу, претставници на Владата, локалната самоуправа и на партиите, во Солун денеска се одбележа годишнината од грчкиот негативен одговор на италијанскиот ултиматум во 1940 година, односно т.н. Денот „Охи“ (Не), јави дописничката на МИА од Атина.

Парадата што ја следеа илјадници граѓани беше поделена во два дела, цивилен во кој парадираа здруженија и организации од цела Грција, но и од дијаспората и воен дел, со учество на припадници на армијата, пешадиски тимови, оклопни возила и сл, а од воздух прелетуваа авионите Рафал Ф-16, Ф-4, воени хеликоптери, но и легендарниот авион „Спитфајр“.

Особено впечатливи беа маневрите на пилотот на Ф-16 на крајот од парадата, кој воедно испрати и порака до Грците за националниот празник, велејќи дека треба да им се оддаде почит на оние од минатото со единство и посветеност во очекување на светла иднина.

По завршувањето на парадата, грчката претседателка рече дека „храброста и единството на хероите од 1940 година се вредно наследство и светол пример за иднината“ и ги пофали припадниците на вооружените сили „што со високо чувство на одговорност ја гарантираат безбедноста и територијалниот интегритет на земјата“. 

Како и секоја година, така и сега, во Атина и во останатите грчки градови се одржаа паради на учениците, а на една од нив, во атинска населба присуствуваше и грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој порача дека воената парада во Солун „на најјасен начин покажува дека земјата денес е силна, со вооружени сили кои се подготвени да го гарантираат националниот интегритет и да направат сите да се чувствуваме безбедни“. ср/ми/

Остани поврзан