ВМРО-ДПМНЕ: Хорски деструктивен спин на опозициските медиуми против историскиот договор со Британија
- СООПШТЕНИЕ - Потпишувањето на Заедничката декларација за стратешко партнерство со Обединетото Кралство претставува историски чин од највисоко државно значење. Тоа е чин со кој Македонија се позиционира како сериозен, стабилен и вредносно определен партнер во евро-атлантската заедница. Со големо жалење констатираме дека истовремено со ова државничко достигнување, се појавија апсурдни и злонамерни дезинформации, според кои наводно овој договор содржи одредби за отворање на мигрантски кампови во Македонија.

16 мај 2025
Потпишувањето на Заедничката декларација за стратешко партнерство со Обединетото Кралство претставува историски чин од највисоко државно значење. Тоа е чин со кој Македонија се позиционира како сериозен, стабилен и вредносно определен партнер во евро-атлантската заедница.
Со големо жалење констатираме дека истовремено со ова државничко достигнување, се појавија апсурдни и злонамерни дезинформации, според кои наводно овој договор содржи одредби за отворање на мигрантски кампови во Македонија.
Јавно и недвосмислено потврдуваме – такво нешто не постои.
Во документот нема ниту една одредба, најава или формулација што се однесува на отворање или организирање на каков било камп за мигранти на македонска територија. Текстот е јавно достапен и секој може да го прочита.
Дополнително, ниту еден сериозен медиум – домашен или меѓународен – кој известуваше од Самитот на Европската политичка заедница во Тирана, не ја спомена оваа фабрикувана теза. Причината е едноставна – затоа што тоа не е вистина.
Не знаеме дали станува збор за свесен обид за нанесување штета, дали е нарачано од политичка партија, поединец или некоја друга структура, или, пак, произлегува од неинформираност и незнаење – но голем дел од медиумите денес излегоа со класична шпекулација, која, како по команда, почна да се шири со единствена цел: да се загрози ефектот од оваа одлична вест за нашата држава и нашите граѓани.
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ децидно потврдува: било какви договори за мигранти или камп за мигранти не постојат и не се дел од овој документ со Обединетото Кралство.
Оваа „вест“ е лажна вест. И најголем дел од медиумите што ја презедоа тоа го направија спротивно на сите елементарни новинарски стандарди – хорски, со исти наслови и исти текстови, со што самите си ја открија не само несериозноста, туку и својата агенда.
Апелираме до јавноста да не подлегнува на такви деструктивни обиди, туку да биде спокојна и да се радува на добрата вест од овој договор со Велика Британија – договор кој е влог во безбедноста, стабилноста, економијата, и европската перспектива на нашата татковина.
А за оние кои имаат аргументирани критики – од идеолошка или друга природа – или се приврзаници на алтернативни сојузи кон Истокот – би било корисно прво да подготват аргументи, бидејќи лагите како оваа со мигрантите – брзо и болно ќе им изгорат.
Македонија оди напред. Партнерствата што ги градиме се капитал што ќе го браниме – со разум, со факти и со гордост.
Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ
________________________________________________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.