• сабота, 23 ноември 2024

Владика од Вселенската патријаршија за Иванден во Бигорскиот манастир

Владика од Вселенската патријаршија за Иванден во Бигорскиот манастир
Дебар, 7 јули 2022 (МИА) - На манастирската слава во Бигорскиот манастир по повод раѓањето на Свети Јован Крстител – Иванден, допатува епископот Аморејски г. Никифор, кој е владика од клирот на Вселенската Патријаршија и актуелен игумен на манастирот Влатадон во Солун. Владиката Никифор молитвено претстоеше на сеноќното бдение во Бигорски, а утрово ќе сослужува на Литургијата со која ќе чиноначалствува Дебарско-кичевскиот Митрополит г. Тимотеј. Пред Литургијата петмина браќа од Бигорскиот манастир ќе примат монашки чин. При свечениот манастирски пречек, свое обраќање кон гостинот од Вселенската Патријаршија, имаше игуменот на Бигорскиот манастир, епископ Антаниски г. Партениј. -Вашето доаѓање тука, во десетвековната Светиња на Крстителот Господов, не е случаен настан. Тоа е, всушност, сесветол зрак од Фенерот на Православието, милост и грижа од Мајката Црква во Константинопол, показ на единството во Христа преку Великата Христова Црква, Вселенската Патријаршија. Впрочем, Вие сте првиот архиереј кој доаѓа да сослужува со нас овде, во нашиот Манастир, по историската одлука на Првопрестолната Вселенската Патријаршија од 9 мај оваа година, со која Охридската Архиепископија беше примена во богослужбено и канонско единство со едната, света, соборна и апостолска Црква, по што следеше и помирувањето со Православната Црква на Србија и нејзината препорака за автокефалност. Неслучајно Чесниот Претеча Ве избрал токму Вас, затоа што Вие, низ изминатите години, додека сè уште бевме во длабока изолација од останатите помесни православни Цркви, покажавте сочувство и љубов кон нас, бевте наш сострадалник, докажавте дека имате искрена грижа за единството на Црквата Христова и на секој начин помогнавте да биде исцелена нашата повеќедецениска рана. Со благослов на Неговата Сесветост, Архиепископот на Новиот Рим и Патријархот Вселенски г. г. Вартоломеј, Вие посредувавте за средби и за остварување на добри врски меѓу претставници од нашата помесна Црква и од Вселенската Патријаршија, а Вашиот Свештен Патријаршиски Манастир, во чудесно убавиот и историски центар на градот Солун, го отворивте за наобразба и за школување на наши монаси и студенти, рече владиката Партениј. Од своја страна, епископ г. Никифор, ја изрази својата благодарност за срдечниот пречек во манастирот. -Притекнавме наваму, во оваа Света Обител на Чесниот Претеча, со срдечна радост и сето ова го сметаме за голема чест и благослов, по чудото што го доживеавме за време на пасхалниот период: да Го исповедаме Господа Христа Кој се јави во тело со заедничката чаша на животот и така навистина да станеме едно. Ние, всушност, сме едно, зашто еден е Христос. И како што знаете, Свети епископе Антаниски, од моментот кога Ве запознав, моето срце беше поробено од Вашата љубов, како и од љубовта на овие добри деца тука, така што не можев, а да не станам Ваш сопатник при тој тежок крст што Вие го подигнавте. И доколку случајно нешто добро сум направил, тоа беше само мое послушание, моја служба, којашто требаше да ја извршам. Затоа што вистината треба да излезе на површина и да биде прифатена. Имајќи ги овие размисли, а и повторно изразувајќи ги своите благодарности за честа со која нè пречекавте, верувам дека оваа чест му се оддава имено на великиот водач и предводник на Православните, Вселенскиот Патријарх. Оти, од првиот момент кога Му ги пренесов нашите разговори, тој го прими сето тоа во својот благозвучен ум, бидејќи во своето срце ја чувствуваше тежината од поделеноста и секогаш во своите молитви се застапуваше за да се реши ова прашање. Мислам дека истото тоа Ви го искажа и Вам. Следствено, на тој човек, кому сиот живот, целиот животен тек, му е едно себежртвување за Црквата, му ги оддаваме сите празнувања и почести. Навистина, предминатата недела додека бев во Фанар, кога му соопштив дека ќе дојдам кај Вас, со голема радост ми рече: Да му ги пренесеш мојот татковски благослов и молитви на Светиот Антаниски, на неговото братство, на неговите монашки заедници, сестринствата во женските манастири, но и на сите духовни чеда што ги возложиле своите срца во неговите раце, изјави г. Никифор. Од Бигорски истакнуваат дека оваа година за празникот Иванден дошле бројни архимандрити, свештеници, монаси и верници од соседните православни Цркви на Албанија, Бугарија, Грција и Србија, а православни Христијани допатувале специјално за бигорската слава дури и од Франција. вт/ев/

Остани поврзан