• сабота, 07 март 2026

Владејачката партија во Индија ја поздрави одлуката на САД да дозволат купување руска нафта

Владејачката партија во Индија ја поздрави одлуката на САД да дозволат купување руска нафта

Њу Делхи, 6 март 2026 (МИА) – Владејачката партија во Индија – Бхаратија Џаната партија – ја поздрави одлуката на САД да издадат привремена 30-дневна дозвола за индиските рафинерии да купуваат руска нафта.

Партијата оцени дека ова е „успех“ за премиерот Нарендра Моди и неговата „стратешка дипломатија“ во областа на енергетиката.

Според владејачката партија, одлуката претставува и „силен удар“ за опозицијата, особено за Индиски национален конгрес и нејзиниот лидер Рахул Ганди, кои ги обвинија за ширење „лажни вести за недостиг на нафта“.

„Рахул Ганди и Индискиот национален конгрес не сакаат да гледаат како Индија дејствува со стратешка воздржаност и јасност под водство на премиерот Моди“, изјави портпарол на владејачката партија на социјалната мрежа Икс.

Во услови на растечки тензии околу Иран, американскиот министер за финансии Скот Бесент изјави дека администрацијата на претседателот Доналд Трамп ја донела оваа привремена мерка за да обезбеди стабилност на глобалните енергетски испораки.

Бесент нагласи дека Индија е „важен партнер“ на САД и изрази очекување дека во иднина ќе ги зголеми купувањата на американска нафта.

Според него, привремената мерка ќе помогне да се намали притисокот врз енергетските пазари во услови на конфликт на Блискиот Исток и „обидите на Иран да ја земе светската енергетика како заложник“.

Тој додаде дека мерката е краткорочна и нема значително да ѝ користи финансиски на Русија, бидејќи дозволува само трансакции со нафта што веќе се наоѓа на отворено море. ссм/

 

Остани поврзан