• сабота, 23 ноември 2024

Владата потврди дека од септември ќе има линеарно зголемување на пензиите

Владата потврди дека од септември ќе има линеарно зголемување на пензиите

Скопје, 28 јуни 2024 (МИА) - Владата на денешната прва седница расправаше за линеарно зголемување на пензиите од 5.000 денари, при што беше потврдена заложбата и беше одлучено ова зголемување да се реализира на два пати, од кои првата исплата од 2.500 денари ќе биде во септември, а втората од 2.500 денари ќе следува во март.

-Пензионер кој има пензија од 15.000 денари со покачувањето во септември ќе има пензија од 17.500 денари, а со покачувањето во март идната година од 20.000 денари. Таквата пензија ќе ја добива секој месец, а првото вообичаено усогласување на пензиите со трошоците на живот ќе го имаат во септември 2025 година, рече вчера министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска во интервју за ТВ Сител.

Нагласи дека со ребалансот на Буџетот ќе треба да се обезбедат уште околу 80 милиони евра за да можат да се исплаќаат зголемените пензии. Од нив, како што кажа, околу 40 милиони евра се за линеарното зголемување, а останатите 40 милиони евра не биле предвидени од поранешната власт во Буџетот за годинава за непречена исплата на пензиите. 

-Ќе можеме да ги обезбедиме овие средства затоа што ќе скратиме од непродуктивните трошоци. За жал за годинава невозможно е да се скрати се зашто во голем дел се веќе исплатени средствата и имаме огромен буџетски дефицит. Парите се веќе потрошени и нема од каде да се скрати, но се она што е непродуктивно и останало ќе се крати, рече Димитриеска Кочоска и додаде дека има уште простор за кратење зошто, како што кажа, има многу нелогичности.

Најавеното линеарно покачување на пензиите од страна на новата Влада го поздрави Пензионерскиот синдикат на Македонија (ПСМ), членка при Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС), кој ги здружува пензионерите од целата земја.

-Социо-економскиот статус на пензионерите во Македонија во последните години е навистина на незавидно ниво. Потребно е пензиите да се зголемуваат за да можат истите да бидат доволни за да им овозможат пристоен живот на пензионерите. Се надеваме дека во иднина со новата Влада ќе имаме фер и коректен социјален дијалог и дека ќе ги ставиме на маса сите проблеми кои ги засегаат пензионерите, порачаа од ПСМ.вј/аа/

Фото: МИА архива

Остани поврзан