• петок, 27 декември 2024

Владата има повеќе шанси да го заврши мандатот отколку да се оди на предвремени избори, смета претседателот Пендаровски

Владата има повеќе шанси да го заврши мандатот отколку да се оди на предвремени избори, смета претседателот Пендаровски
Скопје, 18 јануари 2022 (МИА) - Ако ме прашувате да се кладам денес, јас мислам дека Владата има повеќе шанси да го заврши мандатот отколку да се оди на предвремени избори, кои наспроти последните Локални избори и тие резултати не е баш сосема сигурно дека некој може да направи чисто мнозинство или да прави влада која ќе зависи само од една партија, изјави претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски. Во вечерашното гостување на телевизија 24 Вести, Пендаровски истакна дека е чесно да им дадеме шанса на новите луѓе во владата да покажат што знаат. - Ова е прилично нов состав ако се гледа СДСМ, која е најголемата партија во Владата и важно е да видиме во наредните неколку месеци како и колку ќе повлечат како целина, како Влада, па и по ресори, меѓутоа важно е да видиме каков ќе биде првиот впечаток на граѓаните за нив, а тоа е сè уште рано да го цениме, посочи Пендаровски. На прашањето какви се неговите очекувања, во кој дел треба новата Влада да покаже резултати, претседателот истакна дека „нашите стари болки се познати“ и корупцијата е голем проблем. -  Со години зборуваме за владеење на правото, односно невладеење или селективно владеење на правото. Две работи се, практично се поврзани една со друго. Корупцијата е голем проблем. Нашите напори како држава последниве две-три години се концентрирани на т.н. висока корупција, имаме неколку случаи, досегашната Влада покажа некакви резултати бидејќи гони и некои свои високи функционери, поранешниот генерален секретар е еден од нив, на пример, кажа Пендаровски. Тој смета дека тоа не беше доволно, и рече дека генералната перцепција на луѓето беше дека во тој дел беше направено предоцна и премалку. Пендаровски вели дека тоа дали ќе има предвремени избори не зависи секогаш од вистинскиот перформанс на владата. Како што рече „можно е владата да не работи добро, меѓутоа да сака да го истера мандатот ако има мнозинство, што е легитимно, и обратно, може владата да работи турбо добро, одлично, и да сака да направи предвремени избори за да добие повеќе пратенички места на така предизвиканите, од неа, предвремени избори“. ар/цр        

Остани поврзан