• сабота, 23 ноември 2024

Вклучен алармот и во Грција по терористичкиот напад во Москва

Вклучен алармот и во Грција по терористичкиот напад во Москва

Атина, 27 март 2024 (МИА)  – Грчката полиција и Националната разузнавачка служба го зголемиле нивото на внимателност со интензивирање на контролите на влезните точки во Грција, односно граничните премини, но и во прифатните центри за бегалци и мигранти, по терористичкиот напад во Москва, објавија грчките медиуми, јави дописничката на МИА од Атина. 

Весникот „Катимерини“ пишува дека една од причините за загриженоста е обидот на ИСИС-К, односно фракцијата на Исламската држава во провинцијата Хорасан да ги прошири активностите од централна Азија, Узбекистан, Таџикистан или Киргистан кон Европа.

-Надлежни извори појаснија дека проверките ќе бидат засилени и во центрите за прием на мигранти, како и во заедниците на државјани на Авганистан и Пакистан кои живеат во Грција. И тоа е затоа што меѓу оние кои ИСИС-К ги регрутира се членови на заедницата на Авганистанци, но и на пакистанските заедници, кои се во конфликт со режимот на Талибанците. Вниманието на грчките власти е насочено и кон социјалните мрежи (Тик Ток, Телеграм) каде што, според информациите ИСИС-К регрутира нови членови, пишува „Катимерини“.

„Прото тема“ повикувајќи се на свои извори пишува дека контролите на граничните премини ќе бидат засилени бидејќи постои можност луѓе кои можеби се поврзани со ИСИС-К да се обидат да влезат во Грција, а потоа да ја напуштат Европа. ср/рп/

Остани поврзан