• понеделник, 23 декември 2024

Вечерна богослужба во црквата „Света Петка“ кај дебарската  велигденска ливада

Вечерна богослужба во црквата „Света Петка“ кај дебарската  велигденска ливада

Дебар, 8 август 2023 (МИА) - Православните дебрани, иако се во се помал број, продолжуваат со почит кон божјите храмови и верските празници. Така беше и за денешниот голем празник посветен на Великомаченица Св.Петка-Параскева, кога ја посетија црквата „Света Петка“, во стариот дел на градот, каде вечерна богослужба одржа намесникот на дебарската парохија Миле Ангеловски.

Црквата се наоѓа во позната велигденска ливада, каде некогаш велигденското оро се виеше цела недела, по што и ден-денес ливадата сите ја нарекуваат велигденска.

- Црквата потекнува од половината на четиринаесеттиот век. Добро е зачувана. Кога во овој дел на градот живееја голем број православни, вратата на црквата почесто се отвораше. Сега во овој дел нема православни, сите се иселија. И ние во долниот дел на градот сме се помалобројни, но овој божји храм го посетуваме редовно на денот на патронот, велат присутни.

Благодарни се на отец Ангеловски што е секогаш со нив да одржи богослужба и да се чуе екот на камбаната.

На оваа ливада на која се наоѓа црквата се одржуваше вековната традиција на велигденското оро по што Дебар беше единствен пример каде зурлите и тапаните за Велигден одекнуваа цела недела.

- Ова место тогаш беше преполно со народ и православни и нашите сограѓани муслимани. За и со орото се живееше. Беа тоа добри времиња, со носталгија се присетуваат присутните.

Според постарите дебрани, кои од колено на колена ја пренесуваат легендата за орото, за време на Отоманската империја биле заробени неколку стотина машки лица, повозрасни од 18 години. 

Веста дека се ослободени дошла токму на третиот ден Велигден, од страна на член од семејството Ошавковски. Тогаш одлучиле орото да трае не три дена туку цела недела, што останало традиција се до пред повеќе од две децении. вт/аа/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан