• понеделник, 23 декември 2024

Ветеринарен факултет: И по 30 години, државното финансирање за образованието на ветеринарите не е соодветно

Ветеринарен факултет: И по 30 години, државното финансирање за образованието на ветеринарите не е соодветно
Скопје, 14 ноември 2022 (МИА) - Ветеринарната професија, како клучен сегмент од концептот „Едно здравје“, треба да има силни додипломски студии, а секое натамошно ниво на образование во оваа област, по стекнувањето диплома, мора да биде базирано на квалитет, порачаа учесниците на денешната конференција „Нови модели и пристапи за унапредување на ветеринарната медицина” со која Факултетот за ветеринарна медицина - Скопје одбележа три децении постоење. Како што беше истакнато, и по 30 години, државното финансирање за образованието на ветеринарите во земјава не е соодветно. Според деканот на Факултетот за ветеринарна медицина, проф. д-р Лазо Пендовски, финансирањето на школувањето за ветеринар не смее да се потпира само на непредвидливи приходи од услужна дејност. Како што потенцира Пендовски, основната цел на Факултетот е да едуцира доктори по ветеринарна медицина кои ќе имаат високо квалитетно образование, но и кои практично ќе можат да ги применат своите стручни знаења и вештини на терен и ќе можат континуирано да го обновуваат своето знаење во текот на целиот работен век, со што трајно ќе се зголеми нивната способност за обезбедување најквалитетни професионални услуги. -Поаѓајќи од фактот дека ветеринарството е динамична дисциплина во која промените се случуваат многу брзо, неопходно е да се прилагодиме на новите услови, потреби и трендови за да добиеме предности во нашата професија. За да се постигне ова, новите доктори по ветеринарна медицина треба да се прилагодат на заедницата во која живеат и работат, од една страна, а од друга е исполнувањето на стандардите и ЕУ директивите кои се однесуваат на регулираните професии, какви што сме. Тоа значи  интеграција и усогласување на наставните програми со стандардите на Европската асоцијација на установи за ветеринарно образование (ЕАЕВЕ), за да можат новите доктори по ветеринарна медицина да бидат конкурентни не само во земјата, туку и на меѓународниот пазар на трудот, а за да бидат конкурентни, ќе треба да поседуваат вештини и знаења со мултидисциплинарен пристап, подвлече деканот. Тој потсети дека пред 20 години Факултетот се приклучил кон ЕАЕВЕ за да добие студиска програма меѓународно акредитирана од оваа Асоцијација. -Тоа беше наша стратешка цел. Но, и по пет години од заклучоците за последната посета на експертите на ЕАЕВЕ клучните приоритети за основање на едукацијата за ветеринар се исти. Ќе спомнам само три од нив: државното финансирање за образованието на ветеринарите не е соодветно за да се постигнат целите за образование - ова е многу сериозно и ги забележува промените во последните години, финансирањето на образованието за ветеринар не смее да се потпира само на непредвидливи приходи од услужна дејност - сепак ја имаме истата ситуација, Факултетот мора да има поголема автономија за да го распредели буџетот генериран од неговите активности за целите на образованието - а нашето прашање е сè уште, од каде ако не од Владата, нагласи деканот. Според него, суштински сегмент во успешното образование е развојот на истражувачката и апликативната дејност. -Образованието засновано на парадигмата „Учење базирано на докази“ е од суштинско значење и за мојот Факултет, кој преку низа домашни и меѓународни проекти, како и преку воведување меѓународни стандарди за управување со квалитет во лабораториите постојано овозможува развој на истражувачката и апликативната дејност, рече Пендовски. На конференцијата излагања имаа и претседателот на Европската асоцијација на установи за ветеринарно образование (ЕАЕВЕ), Стефано Мартинот, како и проректорот за меѓународна соработка од Универзитетот за ветеринарна медицина во Будимпешта, Тибор Барта. Мартинот се осврна на унапредувањето на квалитетот на ветеринарната едукација во Европа, додека Барта зборуваше за усогласеноста на потребите на стопанството и ЕАЕВЕ. мч/са/  

Остани поврзан