• среда, 25 декември 2024

Велешките средношколци дебатираа на тема „Борба, НЕ кафеана“

Велешките средношколци дебатираа на тема „Борба, НЕ кафеана“

Велес, 8 март 2024 (МИА) - Ученици од сите четири средни училишта во Велес по повод празникот 8 Март денеска во големата сала на Општина Велес дебатираа на тема „Борба, НЕ кафеана“, а веднаш потоа младите актери од МДПС „Премиера“ на шеговит начин го претставија секојдневието преку едночинката „Од љубов не се бега“.

Од Општина Велес информираат дека оваа година се одлучиле за поинакво чествување на 8 Март, со потенцирање на суштината зошто овој ден се одбележува – еманципација на жената во општеството.

Додаваат дека токму младите можат и треба да бидат двигател кон оваа промена за постигнување на еднаквост во вистинска смисла на зборот што всушност е и начело на 8 Март како ден за борба за социјална, политичка и економска рамноправност на жената.

- Да ги скршиме стереотипите, и да ги поттикнеме младите на поинакво чествување на овој значаен празник за правата на жените, потенцираат од Општина Велес.

Инаку оваа активност се имплементира во рамките на проектот „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“. Проектот е финансиран од страна на Фондот за мир на Обединетите нации, имплементиран од страна на Општина Велес и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во соработка со УНФПА, УНЕСКО и UN Women. ад/ир

 

Фото: Општина Велес

Остани поврзан