• вторник, 24 декември 2024

Вартоломеј: Историски момент е отстранувањето на повеќедецениската шизма

Вартоломеј: Историски момент е отстранувањето на повеќедецениската шизма
Атина, 25 мај 2022 (МИА) – Историски момент е што шизмата која траеше речиси шест децении, по иницијатива на Вселенската патријаршија, заврши, беше отстранета и влегуваме во нов период, рече вселенскиот патријарх Вартоломеј во синоќешното интервју за грчката телевизија ЕРТ и изрази задоволство од последните случувања во црковното прашање, јави дописничката на МИА од Атина. Вартоломеј објасни дека уште пред одлуката на Вселенската патријаршијата постоел дијалог меѓу црквите на Северна Македонија и Србија. -Во изминатиот период, пред нашата одлука, беше започнат дијалог со црквата на Скопје, но нашата одлука ѝ олесни на црквата на Србија и во четвртокот на 19 мај, Неговото Блаженство патријархот Порфириј, поглаварот на СПЦ го покани поглаварот на Охридската црква и имаа заедничка литургија во Белград. Ова нè исполнува со задоволство. Тоа е историски момент. Една шизма што траеше околу шест децении, по иницијатива на Вселенската патријаршија, заврши, беше отстранета и влегуваме во нов период. Оваа заедничка литургија на 19 мај, Србија ја нарече литургија за помирување и драго ни е за овие случувања, вели вселенскиот Патријарх. Во интервјуто објаснува дека конкретното прашање со шизмата, многу години било во фокусот на Патријаршијата, а доста често доаѓале делегации од нашата црква за консултации, но и барања и од политичкото раководство. -Се обидовме да им помогнеме. Во некој момент го одредивме неговото блаженство архиепископот на Албанија Анастасиос да има медијаторска улога. Се обиде, отиде, се врати, разговараше со двете страни, не успеа поради реакциите, во главно од страна на српската црква и официјално со писмо, во некој момент го врати мандатот. Но, обидите и молитвите на Вселенската патријаршија не беа прекинати, открива вселенскиот патријарх. Посочи дека по „апелациското прибегнување (еклитон) на таа црква кон мајката црква, која според одлуката на четвртиот екуменски собор на Халкидон го има ова неотуѓиво право да одлучува за такви случаи на највисоко ниво“, била отстранета шизмата. -Врз оснава на овој еклитон ја отстранивме шизмата, прогласивме дека влегуваме во евхаристиска заедница со нив. Ја нарековме нивната црква Охридска архиепископија, го исклучивме терминот „македонска црква“ и било каков изведен збор од зборот „Македонија“. Ги ограничивме границите на јурисдикцијата во границите на територијата на Северна Македонија, како што се вика денес и сите дополнителни административни прашања ѝ ги доделивме на Светата црква на Србија, со предуслов, овие останати работи да бидат врз основа на светоканонскиот чин и вековните пракси на целата православна црква, истакна вселенскиот патријарх. Додаде дека Српската црква постапила правилно да се придружува кон одлуката на Вселенската Патријархија. ср/са/

Остани поврзан