• сабота, 23 ноември 2024

Ванковска: Конечно да почнеме да дишеме слободно како слободна држава, да си ја земеме судбината во свои раце

Ванковска: Конечно да почнеме да дишеме слободно како слободна држава, да си ја земеме судбината во свои раце

Неготино, 9 април 2024 (МИА) - Левица е партија од народот, за народот. Ги знам сите проблеми на мојот народ. Се залагаме за тоа да престанеме да бидеме колонија, да престанеме да бидеме заложници на локални олигарси, феудалци кои ги држат сите во заложништво. Конечно да почнеме да дишеме слободно како слободна држава, да си ја земеме судбината во свои раце. 

Ова вечерва од Неготино го истакна кандидатката за претседател на државата, Билјана Ванковска, која имаше средба со граѓани. Таа нагласи дека Македонците веќе се чувствуваат како граѓани од втор ред во сопствената држава. 

-Решенијата што ги содржи мојата програма се многу директни, нема двоумење и дискусија. Ги раскинуваме трите договори што влечат надолу. Мојата порака е дека Европската Унија е бајка. Таа веќе се менува. Таа е веќе милитаризирана. Таа веќе ги инвестира парите во војна,  за жал. Конечно треба да си го вратиме достоинството, порача Ванковска. 

Носителот на листа на кандидати за пратеници во четвртата изборна единица, од „Левица“,  Сашко Јанчев рече дека „Македонија е во еден критичен судбоносен период, кога се решава нејзината судбина“. Тој додаде дека долгогодишното раскрчмување на државата сега влегува во завршна фаза. 

-Ова е една од последните, можеби и последна шанса, народот да си ја спаси државата. За да го постигне тоа, мора да избере претседател, кој во прв план ќе го има државниот интерес, како и партија од која ќе зависи идната власт, што во прв план ќе ги има националните интереси на македонскиот народ. На овие избори, таква опција се професорката Ванковска и кандидатските листи за пратеници на партијата „Левица“, истакна Јанчев. свд/вј/

Фото: МИА 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан