• понеделник, 23 декември 2024

Британскиот министер за надворешни работи во Пекинг го нарече ангажманот со Кина прагматичен и неопходен

Британскиот министер за надворешни работи во Пекинг го нарече ангажманот со Кина прагматичен и неопходен

Пекинг, 18 октомври 2024 (МИА) - Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами денеска, за време на неговата прва посета на Пекинг откако лабуристите ја презедоа власта во јули, го оцени ангажманот со Кина како прагматичен и неопходен.

Лами се состана со кинескиот потпретседател Динг Ксујајанг, а подоцна денеска има средба и со министерот за надворешни работи Ванг Ји.

Неговото дводневно патување е обид да ги обнови врските со Пекинг откако односите се заладија во последниве години поради обвинувањата за шпионирање, поддршката на Кина за Русија во војната во Украина и задушувањето на граѓанските слободи во Хонг Конг, поранешна британска колонија која сега е дел на Кина.

-Од запирање на руската нелегална инвазија на Украина, до поддршка на глобалната зелена транзиција, треба често и искрено да зборуваме за двете области на спор, како и за областите на соработка во националниот интерес на ОК, рече Лами.

Во соопштението од неговиот кабинет се вели дека Лами ќе ја повика Кина да ја прекине својата политичка и економска поддршка за руските воени напори.

Кина, вклучувајќи го и Хонг Конг, е четвртиот најголем трговски партнер на ОК. мс/

фото: ЕПА

Остани поврзан