• среда, 25 декември 2024

Британската полиција повторно ја отвори истрагата за „Партигејт“

Британската полиција повторно ја отвори истрагата за „Партигејт“

Лондон, 5 јули 2023 (МИА) - Британската полиција денеска повторно отвори истрага за прекршувањето на владините правила во карантинот за време на пандемијата, откако ги прегледа видео снимките од членовите на владејачката Конзервативна партија како танцуваат и пијат на божиќна забава во 2020 година.

Забавата во седиштето на Конзервативната партија се одржа кога беа забранети социјални собири во затворени простории според правилата наметнати за да се спречи ширењето на коронавирусот.

Лондонската полиција соопшти дека истражува и собир во Парламентот на 8 декември 2020 година, на кој наводно присуствувале членови на Долниот дом и Домот на лордовите. Со соопштението повторно се отвори истрага за случајот „Партигејт“ за кој власта се надеваше дека е завршен.

Полицијата казни голем број луѓе, меѓу кои и тогашниот премиер Борис Џонсон и актуелниот лидер на Конзервативната партија Риши Сунак, кој беше министер за финансии во владата на Џонсон. Скандалот доведе до пад на Џонсон од власт.

Минатиот месец, парламентарната истражна комисија заклучи дека Џонсон постојано го лажел британскиот Парламент во случајот „Партигејт“ кога ги уверувал пратениците дека правилата се почитуваат во секое време.

Комисијата препорача 90-дневна суспензија за Џонсон, што тој го избегна со оставка. мс/

фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан