• сабота, 23 ноември 2024

Бразилски полицаец испука гумен куршум во фудбалски голман

Бразилски полицаец испука гумен куршум во фудбалски голман


Сао Паоло, 11 јули 2024 (МИА) – Шокантна видеоснимка се појави на социјалните мрежи од натпревар во рамки на фудбалското првенство во бразилска сојузна држава Гојас на која се гледа како полицаец испукува гумен куршум во телото на голманот на клубот Гремио Анаполис, Рамон Соуза.
Инцидентот се случи на натпреварот меѓу Гремио Анаполис и Сентро Оесте (1-2), откако по последниот судиски свиреж настана метеж на аголот на теренот.
Еден од полицајците со гумен куршум го застрела голманот Рамон Соуза во ногата, по што играчите се разотидоа.
Лекарската служба веднаш на теренот му помогна на повредениот голман, кој потоа со возило на брза помош беше пренесен во локалната болница.
На социјалните мрежи се шири видео од моментот во кој јасно се гледа како припадник на обезбедувањето пука во играч од непосредна близина. Во Гремио Анаполис останаа шокирани од потегот на припадниците на единицата ЦПЕ.
„Ужасно, ова е неверојатен и криминален чин на некој кој треба да ја цени безбедноста и интегритетот на луѓето кои беа на стадионот Јонас Дуарте. Ќе ги преземеме сите можни законски чекори одговорниот да биде казнет и правдата да биде задоволена. Овој криминален чин не смее да остане неказнето“, го пренесуваат бразилските медиуми соопштението на клубот.
Одделот за комуникации на Воената полиција на државата Гојас извести дека „веднаш е започната истрага за да се утврдат сите факти“. ег ФОТО: Фејсбук

Остани поврзан