• сабота, 23 ноември 2024

Бочварски на средба со Светска банка, разговарано за инфраструктурните проекти што се реализираат со поддршка од СБ

Бочварски на средба со Светска банка, разговарано за инфраструктурните проекти што се реализираат со поддршка од СБ

Скопје, 13 ноември 2023 (МИА) - Приоритет на Министерството за транспорт и врски е подобрување на инфраструктурата и развој на транспортот, истакнал министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на денешната работна средба со претставници на Светска Банка.

На средбата, на која присуствувал и државниот секретар на Министерството за транспорт и врски, Митко Трајчулески, се разговарало за инфраструктурните проекти што се реализираат со финансиска поддршка од Светска банка.

Министерот Бочварски, како што соопшти Министерството за транспорт и врски, информирал за досегашната реализација, со посебен фокус на проектот за „Олеснување на транспортот и трговијата на Западен Балкан“.

-Во рамки на овој проект, веќе од следната година, предвидено е да се изврши рехабилитација на граничните премини Ќафасан и Деве Баир, односно проширување на граничните премини со нови коловозни ленти, како и модернизација на кабините на вработените при Министерството за внатрешни работи и Царинската Управа, се наведува во соопштението.

Бочварски информирал и за проектот за имплементација на Интелигентен транспортен систем (ИТС), што ќе започне да се реализира наредната година на дел од Коридорот 10.

- Имаме навистина значајни проекти кои ќе придонесат многу во развојот на транспортот во Северна Македонија и ќе ја подобрат ефикасноста на граничните премини и на патиштата. Очекуваме Банката и во следниот период да биде силен поддржувач на нашата држава во изградба и модернизација на целокупната инфраструктура, истакнал Бочварски.

На средбата, како што е наведено во соопштението, се отворило прашањето и за проектот за воспоставување на едношалтерски систем што ќе биде во функција на неколку државни институции како дел од проектот за олеснување на транспортот и превозот на патници. дма/бак/

Фото: Министерството за транспорт и врски

Остани поврзан