• сабота, 23 ноември 2024

Борел: Самитот е добра можност да се потврди посветеноста на ЕУ на поддршката за Украина 

Борел: Самитот е добра можност да се потврди посветеноста на ЕУ на поддршката за Украина 

Брисел, 27 јуни 2024 (МИА) - Овој Европски совет е особено важен бидејќи со украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе потпишеме договор за безбедносните обврски на Европската Унија кон Украина, изјави денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел пред почетокот на дводневниот Самит на Унијата во Брисел. 

- Овие безбедносните обврски, покриваат и воени, дипломатски и финансиски обврски, истакна Борел, додавајќи дека е добро што е договорено употреба на приходите од замрзнатите руски средства за поддршка на Украина. 

Според него, овој Самит е добра можност да се потврди посветеноста на ЕУ на поддршката за Украина. 

Тој додаде дека Европа мора да го надомести изгубеното време во сферата на одбраната, преку поддршка и финансирање на европските одбранбени капацитети и одбранбената индустрија. 

- Тоа нема да биде лесно, бидејќи ниту земјите членки, ниту ЕУ, немаат одвишок средства, истакна Борел, додавајќи дека сепак мора да се инвестира во одбранбената индустрија.  

Според него, кога почнала војната во Украина се покажало дека 75 проценти од потребите за воените капацитети, ЕУ ги набавува од трети земји. - Тоа не може да биде однесување соодветно за еден геостратешки играч, нагласи Борел.   

Борел се осврна и на ситуацијата на Блискиот Исток, нагласувајќи дека постои „голема загриженост“ за случувањата на теренот во услови кога и Израел и Хамас ги одбија планот на американскиот претседател Џо Бајден за прекин на конфликтот во Газа и Резолуцијата на ОН со која беше поддржан тој план. 

- Гледаме дека гладот продолжува, бомбардирањето продолжува, хуманитарната поддршка не влегува во Газа, рече Борел, нагласувајќи дека состојбата во Газа не се менува и дека меѓународната заедница мора да се справи со тоа. 

Високиот претставник укажа дека како резултат на случувањата во Газа се бележи зголемување на насилството на Западниот Брег и ескалираат тензиите во Либан, затоа мора да се преземат мерки за промена на ваквата состојба. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан