• понеделник, 23 декември 2024

Борел: Победа на Русија во Украина би била неуспех за САД

Борел: Победа на Русија во Украина би била неуспех за САД

Киев, 11 ноември 2024 (МИА) – Победа на Русија во војната против Украина би била неуспех за САД, изјави шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, во време на загриженост меѓу западните земји дека САД може да ја запре помошта за Киев во текот на мандатот на новоизбраниот претседател Доналд Трамп.

- Јасно е дека колапсот на Украина и победата на (рускиот претседател Владимир) Путин во војната нема да бидат победа за американското раководство, рече високиот претставник за надворешни работи и безбедносна политика во интервју за агенцијата во Франс прес во Киев.

Борел е првиот висок функционер на ЕУ кој го посети Киев по победата на републиканецот на претседателските избори во САД минатата недела.

Неговото доаѓање се случува и во време на тешка ситуација за Украинците на бојното поле, исцрпени во речиси три години војна.

Враќањето на Трамп во Белата куќа предизвикува загриженост во Украина и Европа за можното запирање на американската воена и финансиска помош за Украина која е клучна за Киев.

За време на претседателската кампања Трамп ја доведе во прашање оваа помош и најави дека брзо ќе ја прекине војната во Украина. Посетата на Борел на Украина, веројатно неговата последна затоа што тој ќе се повлече од позицијата во декември, има за цел да го увери Киев дека европската помош ќе продолжи.

Кремљ денеска ги демантираше написите на Вашингтон пост за наводен телефонски разговор меѓу Трамп и Путин на тема војната во Украина.

Борел изјави дека нема информации за тој разговор, но оти двајцата лидери секако ќе разговараат.

- Тоа не е изненадување, нагласи Борел, потсетувајќи дека европските лидери, вклучително и германскиот канцелар Олаф Шолц, најавија подготвеност да разговараат со рускиот лидер.

- Тоа е дел од играта, рече тој.

Севкупно, Европејците досега испратија околу 125 милијарди долари помош за Украина, а САД дадоа околу 90 милијарди, според проценките на Институтот Кил.

- Не можам да предвидам каква ќе биде позицијата на САД, нагласи шефот на дипломатијата на ЕУ.

Во исто време, украинските војници со месеци губат територија на бојното поле од побројните и подобро вооружени руски сили. јт/

Фото: Борел на Х

Остани поврзан