• понеделник, 23 декември 2024

Борел и Дендиас ја посетија грчката фрегата што учествува во европската операција во Црвеното море

Борел и Дендиас ја посетија грчката фрегата што учествува во европската операција во Црвеното море

Атина, 6 јули 2024 (МИА) – Министерот за одбрана на Грција Никос Дендиас и високиот претставник на Европската Унија за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел, утрово на пристаништето во Џибути ја посетија грчката фрегата „Псара“ во што учествува во европската операција „Аспидес“ (Штитови) во Црвеното море, јави дописничката на МИА од Атина.

Дендиас и Борел вчера беа во посета на седиштето на европската операција во Лариса, каде што високиот претставник за надворешна политика се осврна на последиците од нападите на Хутите, споменувајќи дека „пренасочувањето на поморскиот сообраќај преку ’Ртот на Добра надеж додава од 10 до 14 дена повеќе патување, што значи и повеќе трошоци, а повеќе трошоци значат повисоки цени, повисоки цени значат поголема инфлација“.

-Овие напади се директен напад на нашите интереси, на интересите на Европската Унија, на регионалниот мир и стабилност и на животите на луѓето. Затоа ја започнавме операцијата „Аспидес“, рече Борел. 

Посочи дека откако беше лансирана мисијата во февруари, успешно придружуваше повеќе од 170 трговски бродови, уништи 19 беспилотни летала и проектили што Хутите ги истрелаа, пред сè против цивилни цели.

- Дозволете ми да потсетам дека оваа операција, операцијата „Аспидес“, има строго одбранбен мандат. Ние не сме ангажирани во никаква операција против Хутите на копно. Нашите пловни средства работат во самоодбрана и за заштита на целните бродови, истакна Борел.

Министерот за одбрана на Грција рече дека во разговорите со високиот претставник на ЕУ фокусот бил ставен на „зајакнувањето на европскиот столб за безбедност и одбрана“ и операцијата „Аспидес“.

-За нас, за Република Грција, стратешки приоритет е зајакнување на европските механизми за одбрана и безбедност и конечно да создадеме одбранбена алатка на Европската унија, рече Дендиас.

Дополнително, истакна дека „Аспидес“ „е доказ дека Европската Унија, кога сака, може да реагира и може да биде обезбедувач на безбедноста на глобалната заедница“. ср/

Остани поврзан